Начинот на собирање дрвен материјал за производство не се менувал со векови, но научниците од MIT имаат нов и револуционерен начин за целосно заобиколување на овој, како што велат, неефикасен процес.
Група научници од MIT предложија нов начин на одгледување на некои билни ткива, вклучувајќи ги и дрвата и влакната, во лабораторија. Нивната идеја моментно е во рана фаза на развој, а веќе се споредува со вештачкото одгледување на месо во лабораторија.
Научниците ја гледаат можноста за одгледување дрвa и влакна во лабораторија како можност за поедноставување на производството на биоматеријали.
Досега успеаја да го покажат својот концепт со одгледување структури од клетки како дрва, извлечени од лисја од цинија. Нивното откритие претставува голем чекор напред и почетна точка во новите пристапи на производство на биоматеријали, што би можело да го олесни притисокот врз околината, што го создаваат шумарската и земјоделската индустрија.
Луис Фернандо Веласкез-Гарсија, еден од научниците во тимот, вели дека методот за набавка на дрвени материјали за производство на предмети не е променет со векови и дека како таков е многу неефикасен.
Веласкез-Гарсија верува дека во иднина поедноставна опција ќе биде да се одгледа стол, ако ви е потребен. Истакнува дека способноста за одгледување на дрвени влакна во лабораторија е шанса да се заобиколи целиот сегашен неефикасен систем.
Она што научниците од MIT успеаја да го направат е да одгледаат ткиво како дрво во лабораторија без употреба на почва и сончева светлина.
Почнаа со извлекување на живи клетки од лисјата, а потоа ги созреваа во течен медиум за раст. Во рамките на овој медиум, клетките успеале да се метаболизираат и да се размножуваат.
Потоа клетките биле префрлени во гел, а научниците ги „прилагодиле“ да прераснат во ригидна структура, налик на дрво, користејќи два растителни хормони, ауксин и цитокинин.
Со менување на примената на овие два хормони, успеале да го контролираат производството на лигнин, органски полимер што му дава цврстина на дрвото.