Вакцинацијата не значи дека 100 проценти сте имуни на коронавирусот.
Вакцините против коронавирусот даваат надеж дека на глобалната епидемија конечно ќе ѝ дојде крајот, велат експертите.
Сепак, тие предупредуваат дека луѓето никако не смеат да мислат дека вакцината ќе ги реши сите проблеми и откриваат дека најголемата грешка која можете да ја направите е веднаш по вакцинацијата да се вратите на вообичаениот начин на живот, каков што сте имале пред избивање на епидемијата.
„Многу сме загрижени дека луѓето масовно ќе мислат дека по вакцинацијата ќе бидат потполно безбедни и дека веднаш ќе можат да се вратат на стариот начин на живот“, вели д-р Дејвид Халперн, пренесува The Guardian.
Иако се проценува дека вакцините имаат ефикасност до 95 отсто, Центарот за контрола и превенција на болести истакнува дека тоа ниво на заштита не може да се достигне сè додека не пројдат околу 2 недели од примањето на втората доза вакцина.
“Многумина мислат дека ефектот на вакцината е апсолутно моментален и дека кај нив повеќе не постои ризик од ширење на вирусот“, вели д-р Стивен Рајхер.
Експертите истакнуваат дека „враќањето во нормала“ најмногу зависи од тоа колкав процент од популацијата е вакциниран и дека враќањето во живот пред пандемијата е ризичен потег доколку тој процент не е доволно висок.
„Колективниот имунитет не е нешто што може да се создаде со притискање на копче. Тоа е долг процес“, истакнува д-р Ерик Лофгрен, епидемиолог од универзитетот Вашингтон.
„Ако вашата земја е далеку од колективен имунитет, вирусот и понатаму циркулира помеѓу популацијата и секогаш постои шанса дека вакцината нема да „заврши работа“ во мерка која луѓе ја очекуваат“, додава Лофгрен.
Светски признатите научници сега се фокусираат на едукација на јавноста дека вакцините овозможуваат лична заштита, но дека нивната вистинска ефективност лежи во колективниот имунитет за да се спречи пренос на вирусот. Затоа по вакцинирањето, и понатаму треба да носите заштитна маска, да водите грижа за честото миење на рацете и да продолжите да одржувате социјална дистанца.
Истражувањата на тема колкава улога можат да имаат вакцинираните луѓе во потенцијалното ширење на коронавирусот се моментално во тек.
Извор: Kurir.rs