Ширењето на новиот вид коронавирус во Велика Британија предизвика паника во јавноста во последните денови, но го подигна алармот и кај експертите и кај политичарите.
Лабораториските експерименти спроведени на Универзитетот во Кембриџ укажуваат на можноста овие нови мутации да ја удвојат инфективноста на вирусот во примероците на клетките.
Новиот вид првпат беше откриен во септември. Во ноември речиси една четвртина од случаите во Лондон веќе припаѓаа на новата варијанта, а во средината на декември, дури две третини. Ова може да значи дека се шири побргу и дека постепено ги заменува другите варијанти затоа што е позаразен. Заклучокот е дека е можно да се рашират 70 проценти побргу од досега доминантниот вид, предупредуваат експертите.
Најстрогите епидемиолошки мерки од четврти степен се почнати во Англија, Шкотска и во Велс, а голем број земји во ЕУ, како и Канада, Чиле и Аргентина, вонредно забранија летови од Велика Британија во неделата. Одржан е итен телефонски состанок на лидерите на ЕУ на тема ширење на новиот вид, а исто така беше информирана и Светската здравствена организација.
Засега нема доволно докази дека станува збор за поопасен вирус или дека веќе развиените вакцини нема да штитат од него. Но, постојат три клучни проблеми што ги мачат експертите и политичарите:
Дали новиот вид навистина се шири многу побргу од постојниот, дали е можно да предизвика посериозна болест и колку е опасно да мутира и на тој начин да стане отпорен на вакцините?