Вселенскиот телескоп Хабл ја снимил гигантската егзопланета HD106906 b на која се забележува дека има необична орбита околу својата матична двојна ѕвезда, што може да понуди одговори на некои прашања во врска со можното постоење на мистериозната Планета Х, деветтата планета во нашиот соларен систем.
Се работи за неверојатно голема планета, нејзината маса е колку 11 на Јупитер. Да потсетиме, гасовитиот Јупитер е најголемата планета во нашиот Сончев систем, а нејзината маса е поголема од вкупната маса на сите други планети. Значи, HD106906 b е навистина огромно небесно тело.
Ова е прв пат астрономите да можат да го измерат движењето на масивната планета слична на Јупитер која кружи многу далеку од нејзината ѕвезда на тој видлив диск од прашина и гас. Нејзината двојна ѕвезда е оддалечена 336 светлосни години.
Оваа егзопланета за прв пат е откриена во 2013 година, сепак, астрономите во тоа време не можеле да утврдат како изгледа нејзината орбита. Телескопот Хабл беше потребен за вакви прецизни мерења, пишува ЕСА.
Она што е особено интересно за оваа вонсончева планета е што нејзината орбита е многу навалена и кружи околу нејзините матични ѕвезди на многу голема оддалеченост – 730 пати поголема од растојанието помеѓу Земјата и Сонцето. Нејзината година или колку време и треба да орбитира околу двојната ѕвезда, трае неверојатни 15.000 (земјини) години.
„Прашањето е како HD 106906 b заврши толку далеку и со толку наклонета орбита“, рече водачот на студијата, астрономот Меији Нгуен од Универзитетот во Беркли.
„Ова е навистина чудно. Ако го погледнеме нашиот сончев систем, ќе видиме дека сите планети лежат на приближно иста рамнина. Би било чудно ако, на пример, Јупитер се навали за 30 степени во однос на рамнината каде што орбитираат другите планети”, додаде тој.
Поврзани артикли