Европската организација за заштита на потрошувачите Euroconsumers го тужи Apple во четири земји на ЕУ, барајќи вкупна отштета од ц за намерно влошување на работата на паметните телефони, со крајна цел да ги натера потрошувачите да купуваат нови. Ова го објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на здружението, коешто ги претставува интересите на 1,5 милиони домаќинства.
Тие денеска ќе поднесат тужба до судови во Белгија и Шпанија, а потоа и во Италија и Португалија. Судските процеси се однесуваат на повеќе од 3 милиони модели на „Ајфон 6“, 7 и „СЕ“ продадени во овие земји меѓу 2014 и 2020 година. Овие тужби ќе следат по слично колективно дејствие против Apple во САД, каде што американската компанија се согласи да им плати вкупно 500 милиони долари на сопствениците на паметни телефони.
Според Барт Валдерс, партнер во правната компанија „Аркас“, која ги застапува интересите на тужителите во Белгија, жалбите во одделни земји може да доведат до „ефектот на снежна топки“.
– Искуството покажува дека ако една европска земја преземе иницијатива, и други ќе ја следат, објасни адвокатот.
Во февруари, француски супервизор го казни Apple со 25 милиони евра за заблуда на потрошувачите. Италијанскиот орган за монопол претходно ја казни корпорацијата со 10 милиони евра откако беше откриено дека ажурирањето на софтверот предизвикува „сериозен дефект и значително ги намалува перформансите“ на паметните телефони.
Американската компанија ги негира ваквите наводи, нарекувајќи ги „фактички и правно невистинити“. Во писмото од 6 август на адвокатската фирма на Apple – „Гибсон Дан и Крачер“, упатено до „Европотрошувачи“, се вели дека компанијата „никогаш нема да го влоши заемниот однос со клиентите“ за тие повторно да купуваат. Корпорацијата, во друга прилика, соопшти и дека „нејзината цел отсекогаш била да создава производи што клиентите ги сакаат, а важен дел од тоа е да се обезбеди најдолг можен век на траење на iPhone“, пренесува „Фајненшл тајмс“.