Рекордната година на Арктикот продолжува бидејќи температурите кон крајот на ноември достигнаа и до 12 Целзиусови степени повеќе од просекот во 1990-те.
Најновите бројки од Климатската реанализа на универзитетот во Мејн откриваат дека на 21 ноември температурите биле за 10-12 степени поголеми од нормалните пред 30 години, додека за целиот Арктик топлината во просек била за 6,7 Целзиусови степени поголема од нормалната.
Мерењата се просечни температури за 7,7 милиони квадратни километри на Арктикот, кој веќе претходно забележа „лудо“ високи температури претходно оваа година.
Во некои потопли џебови – означени на графиконот со светлоцрвена боја, се гледа дека во последните денови температурите се искачиле на повеќе од 20 Целзиусови степени над просекот забележан пред помалку од 30 години.
Иако според човековите стандарди и понатаму е студено, а температурите на многу места се значително под нулата, големината на подрачјата погодени со толку огромен скок на температура ги алармираше научниците.
„Сето тоа станува само годишен потсетник на брзите климатски промени кои ги забележавме на Арктикот“, рекол д-р Зек Лејб, специјалист за арктичка клима на Државниот универзитет Колорадо за „CBS News“.
Појасот на топол воздух моментално се протега од северен Гренланд преку Северниот пол до Лаптев и Источносибирското Море северно од руското копно, наведува „Barents Observer“.
Североисточно од Свалбард, преку Земјата на Франц Џозеф и Северната Земја исто така се забележани слични аномално високи температури. Големината на погоденото подрачје е речиси двојно поголема од целокупната површина на САД.
Арктик во октомври забележал рекордно ниска покриеност со морски лед, па дури и до средината на ноември, многу подрачја почнале да се одмрзнуваат, оставајќи големи области под вода.
Ова е втората најмала забележана големина на заледени површини на Арктикот, со тоа што 2012 година била единствената година кога површината била помала. Како резултат, оваа година Североисточниот премин – бродска рута долж сибирскиот брег останала отворена рекордни 112 дена, победувајќи го претходниот рекорд за речиси еден месец.
Историски гледано, рутата би можела да се отвори само на неколку дена, иако некои години воопшто и не ни била отворена.
Научниците предупредуваат дека подрачјата на отворениот океан се зголемуваат, сончевата енергија сѐ повеќе се апсорбира, загревајќи го океанот, зголемувајќи го глобалното затоплување и неизбежно менувајќи ги прехранбените мрежи од кои голем број видови зависат за да преживеат.
Октомври е најтоплиот месец забележан во Европа, а настапи по рекордниот топлотен бран во Сибир на почетокот на оваа година.
Извор: Kurir.rs
Поврзани артикли