Основачот на Microsoft, Бил Гејтс верува дека речиси сите вакцини против коронавирус ќе бидат ефикасни.
Вакцините на „Фајзер“ и „Модерна“ според првичните резултати се прилично ефикасни, а Гејтс тврди дека очекува и вакцините на останатите производители како „Џонсон и Џонсон“ и „Новавакс“ да бидат исто така ефикасни.
„Верувам дека до февруари ќе се покаже дека сите тие вакцини се ефикасни и безбедни. И натаму расте бројот на новозаразени и се очекува да продолжи растот до февруари, а тоа за САД би можело да значи и по 2 илјади починати дневно“, изјави Гејтс.
„Носете маски. Обидете се да издржите до пролет затоа што тогаш вакцините ќе започнат да го намалуваат бројот на заразени, а ќе помогне и топлото време“, изјави Бил Гејтс и проговори за проблемите околу логистиката со кои ќе се соочат производителите на вакцини, со оглед на тоа што некои од нив ќе мора да се складираат и на температури од минус 75 степени.
„Морате да се погрижите да не се трошат залудно вакцините. Верувам дека ќе се реши проблемот со логистиката. Мислам дека ќе има доволен број на луѓе кои веднаш ќе се вакцинираат и ќе ги привлечат и другите, па со текот на времето тоа ниво ќе дојде на 70% колку што е потребно за да се спречи ширењето на болеста“, изјави Гејтс.