Едукација, зголемување на дигиталните вештини, намалување на сивата економија, како и субвенции и даночни олеснувања се дел од активностите што се потребни за поттикнување на е-трговијата. Воедно, потребно е модернизирање и дигитализација на институциите за елиминирање на комплексните административни процедури, промотивни активности за зголемување на свеста, како и обновување на регулативата.
Тие препораки се дел од анализата за е-трговијата во државава што беше презентирана на отворањето на дводневната конференција за е-трговија „Е-трговија и Ковид-19: Предизвици и можности!“, што се одржува онлајн со над 300 учесници.
Во фокусот на конференцијата се предизвиците, можностите и ефектите од ковид-кризата кон бизнисите.
Анализата на прашалникот на е-купувачите за влијанието на Ковид-19 врз потрошувачките навики покажува дека 18 проценти почнале да плаќаат сметки онлајн, 17 проценти почнале да користат владини е-услуги, 37 проценти купуваат значително повеќе он лајн, а 76 проценти ќе продолжат да купуваат со ист обем и по кризата.
За 59 проценти од е-трговците, најголем предизвик претставува ниската дигитална писменост на населението, а на второ место е наоѓањето соодветен кадар. Најголема бариера е ниското ниво на свест и навики за он лајн купување и недовербата.
-Ова е историски момент за е-трговијата. Исклучителни времиња бараат исклучителна трансформација. Сега повеќе од кога било имаме шанса да го забрзаме патот кон смарт и дигитално општество кое значи праведно и правично општество, општество кое нуди еднакви шанси и можности за сите, кое овозможува побрз, позелен и одржлив економски развој. Северна Македонија има голем потенцијал за е-трговија, само треба што поскоро да го отклучиме и да ја ставиме дигитализацијата на нашата нација во петта брзина, истакна на отворањето претседателката на Асоцијацијата за електронска трговија на Македонија Нина Ангеловска.
Сепак, дополни, жално е што сето ова се случува поради глобална светска пандемија која однесе над милион животи, остави милиони луѓе без работа и силно ја погоди светската економија.
Амбасадорката на САД во земјава Кејт Мари Брнз, пак, ја потенцираше поддршката за развој на е-трговијата.
– Горди сме што им помогнавме на повеќе компании преку е-трговијата да обезбедат раст и опстанок на нивниот бизнис. Преку Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем, во соработка со Македонската асоцијација за е-трговија, поддржавме 40 компании да отворат свои нови продажни канали и продавници онлајн, рече Брнз.
На конференцијата ќе бидат презентирани најактуелните теми поврзани со ефектите од Ковид-19 врз работењето на бизнисите и нивна адаптација кон е-трговијата од почетокот на пандемијата, а дополнително ќе биде ставен акцент и на инклузивната дигитална економија преку претставување на инспиративни приказни на жените амбасадори за е-трговија на „UNCTAD“.
Поврзани артикли