Проектот има за цел да ја потенцира важноста на концертните сали и музичките културни центри како главни промотери за развој на млади таленти во Европа, кои претставуваат не само т.н. „инкубатори“ за бендови, туку играат и витална улога во развојот на здравиот урбан еко-систем. Концертните сали се важен дел од урбаните и приградски населби, вдомуваат и прикажуваат различен диверзитет на артисти и музичари, а свое влијание имаат и кон развојот на локалната економија, но и кон зголемување на атрактивноста на градовите во кои делуваат.
Овој проект има за задача да ги адресира актуелните проблеми и тешкотии со кои се соочуваат концертните сали и центри, кои во изминатите години, а особено во последната 2020, се соочуваат со огромни притисоци, финансиски и регулаторни, кои произлегуваат од постојаното флуктуирање на музичките вкусови и трендови кај публиката од една страна, како и промените во развојните урбани трендови од друга.
Со адресирање на овие проблеми и воспоставување одржливи стратегии за соработка помеѓу концертните сали во Европа, со овој проект дополнително ќе се промовира нивната улога и ќе се потврди и актуализира нивното значење и одржливост во големите европски градови – партнери.
SCENERGIES ќе се базира на идентификација на добри практики помеѓу конзорциумот од партнери, развој на иновативни стратегии, градење и јакнење на капацитетите на концертните сали и центри, како и промоција на овие конкретни стратегии.
Покрај ЈУ Младински културен центар, како партнери во проектот се музичките клубови Sala X (Шпанија), Le Grand Mix (Франција), 4AD (Белгија) и музичкиот клуб Močvara (Хрватска). Проектните активности ќе се реализираат во текот на 2021 година.
Поврзани артикли