Продуцентите одлучија главниот лик во првиот руски филм што ќе се снима во Вселената, сепак, да биде женски, иако претходно беше најавено дека ќе се одржи кастинг за глумци од двата пола.
Драмата наречена „Предизвик“ е заеднички проект на руската вселенска агенција Роскосмос, државниот Прв канал и студиото „Жолто-црно-бело“. Снимањето на Меѓународната вселенска станица е најавено за наесен следната година. Режисер на филмот ќе биде Клим Шипенко.
Продуцентите одлучија дека за заплетот на филмот е подобро главниот лик да биде жена, иако претходно беше најавено дека ќе се одржи кастинг и за глумци мажи, објави рускиот Прв канал.
Првиот канал наскоро ќе објави кастинг во Русија, каде што ќе биде избрана главната актерка, како и нејзина замена. Глумиците потоа ќе мора да минат обука за астронаути и да добијат одобрение од Комисијата за летови при Роскосмос.
Американскиот режисер Даг Лајман и глумецот Том Круз исто така планираат да снимат филм во Вселената, во капсулата „Змеј“. Снимањето и на овој филм е најавено за октомври 2021 година.