Мобилниот оператор А1 Македонија за своите корисници на територијата на Скопје обезбедува далеку побрз интернет од Македонски Телеком. Ова го покажува Извештајот за состојбата на квалитетот на јавни електронски комуникациски услуги обезбедени преку јавни електронски комуникациски мрежи за населено место Скопје, кој се базира на мерењата кои Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ги спроведе во период од 16.10.2020 до 04.11.2020.
Според Правилникот за параметрите за квалитет на јавните електронски комуникациски услуги обезбедени преку јавни радиокомуникациски мрежи, АЕК ги контролира и мери параметрите за квалитет на јавните електронски комуникациски услуги. Мерењето на квалитетот на безжичните електронски комуникациски мрежи е извршено со користење софистицирана опрема инсталирана во специјално мерно возило за симулација на корисничко искуство, односно со комбинација од хардверско/софтверско решение за генерирање, анализа и објавување на податоците. Кампањата за мерење на квалитетот на мрежите освен Скопје, ги опфати и населените места Куманово и Желино.
Според податоците од извештаите, во Скопје за симнување фајл со големина од 10GB операторот А1 Македонија ДООЕЛ обезбедува брзина за пренос на податоци од 102,971 Mbps, додека кај Македонски Телеком АД Скопје брзината е 62,297 Mbps.
Задолжителна целна вредност дефинирана од АЕК е утврдена да мора да биде поголема од 55 Mbps. Операторот А1 Македонија обезбедува побрз интернет и во Куманово, каде за преземање фајл со иста големина, брзината е 96,776 Mbps, а на Македонски Телеком – 68,097 Mbps. Телеком има побрз интернет на подрачјето на Желино и мерењето во ова населено место покажа брзина од 81,005 Mbps кај овој оператор, додека кај А1 изнесува 62,552 Mbps.
Што се однесува до другите мерени параметри и двата телекомуникациски оператори, независно од технологијата, обезбедувале 100% покриеност со сигнал, приближно ист квалитет на говор и време за воспоставување повик далеку пониско од зададените 7 секунди од страна на АЕК.
Што се однесува до неуспешни и прекинати повици, на територија на Скопје и кај двата оператори тие се далеку под задолжителната целна вредност дефинирана од АЕК – помала од 2%. Но во Куманово, кај А1 не е измерен ниту еден прекинат или неуспешен повик, додека кај Македонски Телеком биле измерени 2,5% прекинати повици, односно 0,5% повеќе од зададената вредност од страна на АЕК. На територијата на Желино, кај овој оператор биле измерени многу повеќе прекинати повици од зададената вредност, односно дури 5,3%. Кај операторот А1 на ова подрачје немало ниту еден неуспешен, ниту прекинат повик.
Извештаите од извршените мерења на АЕК се објавени на https://komuniciraj.mk/mk/izmereni-parametri-za-kvalitet-2020/.