Опишана како „револуционерен момент во продажбата на книги“, Bookshop.org пристигнува како алтернатива на Amazon, а на корисниците им овозможува при купувањето да ги поддржат независните локални продавачи, чија работа често трпи поради гигантските издавачки куќи.
Новото онлајн место за љубителите на книги настана благодарение на Енди Хантер, а неговото најголемо значење е во тоа што на малите локални продавачи им овозможува да креираат свое виртуелно продажно место во рамките на сајтот. Порталот во јануари се појави на подрачјето на САД, но во незгодно време, бидејќи малку потоа почна пандемијата.
Првобитно биле вклучени 250 книжарници, за тој број денес да се искачи на 900. Во февруари профитот бил околу 50 илјади долари, веќе во март се заработувало 50 илјади долари дневно, во април таа цифра се искачила на 150 илјади, за во јуни да биде забележан приход од дури милион доалри за само еден ден. Платформата досега собра 7,5 милиони долари за независните книжарници ширум САД.
Новата онлајн книжарница спаси многу помали продавачи, бидејќи од почетокот на пандемијата приходите се намалени. Креаторот верува дека тајната на успехот лежи токму во тоа што читателите сакале да ги поддржат своите локални продавачи, бидејќи малите книжарници веќе некое време се во опасност, најмногу поради растот на компанијата Amazon, а коронавирусот само дополнително го забрза процесот.