Научници од лондонскиот Империјал Колеџ утврдиле дека количината на антитела на коронавирусот во човечкиот организам драстично се намалува по закрепнувањето од заразата, а антителата се клучни за имунитет на било кој вирус.
Истражувачите воочиле дека бројот на оние кои имаат антитела се намалил за 26 отсто од јуни до септември оваа година. Според тоа, заклучокот е дека имунитетот слабее и дека постои можност со вирусот да се заразиме повеќе пати.
Во истражувањето биле опфатени повеќе од 350.000 луѓе во Англија. Во првиот циклус на истражувањето од крајот на јуни до почетокот на јули, кај 60 од 1.000 луѓе било утврдено присуство на антитела. Во последниот циклус на истражувањето, спроведено во септември, само 44 луѓе од 1.000 имале антитела. Бројот на оние кои имале антитела од летото до есента бил намален за повеќе од четвртина.
„Имунитетот прилично брзо опаѓа и во трите месеци од првиот циклус на истражувањето идентификувавме дека бројот на оние кои имаат антитела се намалил за 26 отсто“, вели истражувачката Хелен Вард.
Најголем пад се случил кај лицата постари од 65 години и оние кои имале изразени симптоми, што не било случај кај луѓето кои биле помлади и кои немале симптоми. Меѓутоа, присутноста на поголема количина антитела била забележана кај здравствените работници, а се претпоставува дека причина за тоа е што тие често се изложени на вирусот.
Веќе се потврдени случаи во кои луѓе по втор пат се заразувале од коронавирус, но научниците се надеваат дека заразата вториот пат ќе биде со поблаги симптоми бидејќи очекуваат организмот да ја активира „имунолошката меморија“ во борба против вирусот.
Авторите на ова истражување порачале дека откритијата до кои тие дошле не ја намалуваат надежта во ефикасноста на вакцината против коронавирусот, пренесува „BBC“.
Извор: Zimo.hr