Големиот Корален Гребен во Австралија изгубил повеќе од половина од своите корали од 1995 година поради затоплувањето на морето, што е последица на климатските промени, покажа нова студија.
Научниците утврдиле дека настрадале сите типови корали во најголемиот корален систем на светот, а најголемите загуби се случиле поради масовното белење во 2016 и 2017 година. Овој процес продолжил и оваа година.
Белењето се случува кога коралите под стрес ги истеруваат алгите кои им ја даваат бојата. Коралите можат да заздрават ако се вратат нормалните околности, но тоа може да потрае неколку децении.
„Нема веќе време за губење. Мора под итно драстично да ги намалиме емисиите на стакленичките гасови“, велат поморските научници од Центарот за заштита на корални гребени од Квинсленд.
Проучувајќи ги здравјето и големината на колониите корали од 1995 до 2017 година, тие утврдиле дека нивната популација се намалила за повеќе од 50%, што ги опфаќа сите големини и видови. Во најголема опасност се посложените корални структури, кои обезбедуваат природно живеалиште за риби и друг морски свет.
„Овој тип на корали беше најтешко погоден од двата настана на масовно белење, кои оштетија две третини од гребенот“, вели Тери Хјуз, еден од авторите на студијата.
Големиот Корален Гребен се протега на 2.300 километри и од 1981 година се наоѓа на листата на Светско наследство на УНЕСКО.
Поврзани артикли