Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс потпиша договор со 16 фармацевтски компании за соработка во производството на вакцината против коронавирус, забрзување и обезбедување дистрибуција на одобрената вакцина низ целиот свет што е можно поскоро.
„Фармацевтските компании се согласија да ги прошират своите капацитети за производство на лекови. На пример, лекот „Ремдесивир“ го направи компанијата Гилеад, но дополнителни количини сега ќе се произведуваат во фабриките на компанијата Пфајзер. Ниту една компанија никогаш претходно не дозволи соработка со конкурентот на овој начин, а сега забележуваме соработка кога станува збор за производство на вакцините“, изјави Бил Гејтс.
„Меѓу другото, компаниите се согласија да соработуваат во производството на вакцини и да се зголеми производството со невидена брзина, осигурувајќи дека одобрените вакцини се дистрибуираат што е можно поскоро“, рече тој.
Според Гејтс, во моментов најголемиот дел од светскиот фонд на вакцини против вирусот се планира да биде испратен во побогатите земји.
„Овие земји потпишуваат договори со фармацевтските компании, обезбедувајќи право да купат милијарди дози веднаш штом се произведат. Но, што е со земјите во светот со ниски и пониски средни примања, земјите како Јужен Судан, Никарагва… за сега се проценува дека 14 отсто од вкупното африканско население ќе може да ја примат вакцината“, додаде тој.
Поради тоа, Гејтс најави зголемување на производството на вакцини за да биде опфатена целата светска популација.