По јуниорите, кои на неодамна одржаната 4-та Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2020) освоија бронзен медал, повеќегодишниот континуитет на успешни претставувања на македонските ученици – информатичари на интернационалните натпревари по информатика оваа година го продолжуваат и сениорите – средношколци. На 32-рата по ред Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2020), која од 13-ти до 23-ти септември се одржува во облик на онлајн натпревар, тимот на Македонија, составен од учениците Благојче Павлески,
Андреј Величковски, Андреј Шеќеров и Тео Китановски, предводени од лидерите, м-р Емил Станков и д-р Бојана Котеска од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), освои три бронзени медали. Со резултатот што го постигнаа младите наши ученици, уште еднаш докажаа дека Македонија треба да се гордее со нив.
ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите – членки на ИОИ заедницата. Секоја година, во околу 90 држави од светот се организираат национални натпревари во програмирање, на кои што учествуваат вкупно повеќе од 400 000 ученици, сите со единствен мотив – да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ. Според начинот на поделба на медалите, ИОИ како научна олимпијада по информатика е најстрога во споредба со врвните научни олимпијади по другите науки (математика, хемија, физика, биологија).
Официјален домаќин на ИОИ 2020 е Сингапур, а главен организатор е Националниот Универзитет на Сингапур, со поддршка од Министерството за Едукација на Сингапур. Заради пандемијата со COVID-19, оваа година за прв пат
Интернационалната олимпијада по информатика се спроведуваше онлајн, при што натпреварувачите од секој национален тим беа надгледувани од страна на нивните лидери. Македонскиот тим се натпреваруваше од просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), кој ги овозможи сите услови за квалитетно техничко поврзување со Сингапур.
Годинава на ИОИ учествуваат вкупно 343 ученици од 87 земји од целиот свет. Во оваа исклучително силна конкуренција, трите бронзени медали за Македонија ги освоија Благојче Павлески од Прилеп, Андреј Шеќеров од Скопје и Андреј Величковски од Куманово.
Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, Македонија има резултати со кои предничи и во однос на земјите со слична големина како и во однос на доста поголеми земји – учеснички на ИОИ: доега се освоени 2 сребрени и 21 бронзен медал.
Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, проф. д-р Миле Јованов, кој повеќе години по ред е еден од четирите избрани членови на врвното управувачко тело на олимпијадата, Интернационалниот комитет, изјави: „Радосен сум од успехот на нашите ученици, кои се вистински амбасадори на нашата земја. Овој успех покажува дека со несебичното повеќегодишно волонтерско ангажирање на неколкумина професори од Здружението, можно е да се постигнуваат врвни резултати на интернационално ниво, и наместо да сме рангирани некаде кон крајот на одредени листи, можеме да сме далеку повисоко. Добрите резултати кои што редовно ги покажува македонскиот тим ја промовираат Македонија како место од кое големите интернационални ИТ компании може да најдат квалитетни вработени.
Во услови кога работата на Здружението не е помогната од државните институции, крајно сме благодарни на поддршката од општествено одговорните компании Нетцетера, Грабит, Докстим, Сорсикс и Семос едукација, кои ја помагаат организацијата на натпреварите и подготовката на учениците. Благодарен сум што во последните неколку години полека почнува да се препознаваат врвните постигнувања на нашите ученици од страна на државата со воведување на механизми за нивно наградување, преку одредени конкурси на Агенцијата за млади и спорт, МОН и ФИТР, иако е потребно значително подобрување на регулативата во МОН за ова, во соработка со Здруженијата“.
Доколку условите го дозволат тоа, следната, 33-та по ред, Интернационална олимпијада по информатика (ИОИ 2021), ќе се одржи идната година, на лице место – во Сингапур.
Веб страна за настанот: https://ioi2020.sg.