Целосното алуминиумско куќиште, малите димензии и одличните перформанси го прават Huawei MateBook D15 еден од најдобрите 15-инчни лаптопи на македонскиот пазар.
НИКОЛА БУРАГЕВ
Huawei тивко го гради своето име на пазарот на лаптопи, и покрај тоа што првенствено е познат како производител на паметни телефони. Популарната кинеска компанија веќе три години, од 2018. година наваму се занимава со производство на преносни компјутери и тоа во сите категории – од поволни до премиум. Оваа година и Македонија дојде на ред да ја добие комплетната понуда на Huawei лаптопи за 2020. година, а сега добивме шанса да го тестираме 15-инчниот лаптоп од средната класа на кинеската компанија – MateBook D15 (2020).
Пазарот на преносни компјутери не е ни приближно исполнет со разни брендови како што е тоа случај со паметните телефони. Постојат неколку доминантни компании, а сето останато е во траги. Слична беше ситуацијата и кога Huawei тргна во освојување на мобилниот пазар, а беа потребни години за да стигне до денешниот успех. Нешто слично компанијата планира и со пазарот на лаптопи.
Основната предност на Matebook D15 во однос на конкуренцијата е фантастичната оптимизираност на Windows 10 Home оперативниот систем со избраните компоненти, така што работата постојано е брзо и комфорна. Bloatware софтвер нема, а Huawei PC Manager ги овозможува опциите Huawei Share и MultiScreen Collaboration со поддржаните EMUI 10 смартфони за брзо делење на фајлови и проекција на екранот од смартфон на компјутер.
Дизајн
Лаптопот доаѓа во две верзии на сива боја (Mystic Silver и Space Grey), изработен е од алуминиум со брусена површина, а горниот панел има мат завршница. Квалитетот на изработка е беспрекорен, а со тежина од 1,53 килограми и дебелина од само 16,9 мм, лаптопот е прилично пренослив. MateBook D15 е можно да се расклопи за 180 степени, што му овозможува различни сценарија на употреба.
Тастатурата е одлична: компактна (без нумерички копчиња од десната страна), со дополнителни Hotkeys F опции, а копчињата се големи, јасно означени, со длабок од и добри повратни реакции. За секоја пофалба е и позадинската осветленост на тастатурата, а посебно тракпадот – простран, со одличен одзив, прецизен, без празен од и бегање под прстот и со јасен клик и при најмал допир.
Уредот е опремен со класичен HDMI порт, 3.5 мм аудио приклучок, два класични USB конектори (еден 3.0 и еден 2.0) и USB Type-C приклучок за сите уреди со таков влез, како и за полначот што доаѓа со лаптопот во кутијата. Huawei го опреми MateBook D15 со брз полнач од 65 вати, што батеријата до 53 проценти ја полни за само половина час. Најдобро од се е што полначот за MateBook D15 е истовремено и супер брз полнач за смартфоните на Huawei. Интересно е што лаптопот можете да го полните со било кој Huawei полнач или некој друг што има USB Type-C, како што и смартфонот може да го напојувате со полначот што доаѓа со MateBook компјутерот. Секако, поддржано е брзо полнење во зависност од брзината на полнење на самиот смартфон, додека компјутерот со други полначи се напојува побавно.
Екран
На тест го имавме моделот MateBook D15 со матиран IPS LCD FullView екран со дијагонала од 15,6-инчи. Лаптопот има неверојатни 87 проценти сооднос на екранот со телото и тесни рамки кои се намалени на 5.3 мм, поради што е совршен за гледање филмови, извршување креативни задачи или само за работа.
Екранот е мат со намера, бидејќи оваа серија е замислена за користење и на отворено и во постојано движење, а осветлувањето на екранот од околу 250 до 280 нита е задоволувачко за такво нешто. Репродукцијата на боите е солидна, контрастот е добар (800:1), а интензитетот и другите параметри на боите можат да се подесат преку панелот на AMD графиката, каде во понудата се наоѓаат режими за филм, игри, работа на отворено, работа со документи и слично. Екранот има можност за намалување на приказот на сина светлина, со цел помалку да се оптоварат очите и да се овозможи подолго и безбедно гледање во мониторот (TÜV Rheinland сертификат). Резолуцијата на дисплејот е Full HD (1920×1080 пиксели), а тоа е и повеќе доволно за работа и гејминг.
Перформанси и графика
Лаптопот доаѓа со AMD Ryzen 7 3700U процесор, чии јадра се засновани на Zen+ архитектура и користат унапреден систем на изработка од 12 нанометри. Брзината е 2,3 GHz и можно е да се зголеми до 4.0 GHz. Што се однесува до графиката, моделот што го тестиравме го поседува AMD Radeon RX Vega 10 чипот, кој доаѓа со 1 GB DDR4 меморија. Работната меморија изнесува 8 GRAM DDR4 и можно е да се прошири со 16GB, но само во сервисен центар.
Што се однесува до секојдневната работа, посебно во канцелариско опкружување и под управата на Windows 10 Home нема да имате никакви проблеми. Лаптопот просто лета, дури и при обработка на фотографии, а не се грее претерано ни при играње на полесни игри од Windows Store понудата. Батеријата на MateBook D15 издржува помеѓу шест и осум часа активна работа, што е солиден резултат за еден вака тенок и лесен лаптоп со 15-инчен дисплеј.
Што се однесува до игрите, иако лаптопот не е наменет за гејминг, нема да ве издаде. Доколку изберете Medium параметри и/или ја намалите резолуцијата на HD+ (1.600 x 900 пиксели) ќе можете да ги играте и поновите игри. Кога се во прашање постарите наслови, како на пример Tomb Raider, ќе добиете од 25 до 30 fps во Ultra приказ (еден чекор до максималното осветлување). Што се однесува до Fortnite, ќе можете без проблеми да ја играте во 1.600 x 900 резолуција, а во споменатата конфигурација мазно се играат и Shadow of the Tomb Raider и Crash Bandicoot N.Sane Trilogy.
Во текот на играњето, компјутерот најмногу се грее околу „W“ копчето, поради позицијата на процесорот и графиката, но вентилаторите во облик на буквата „S“ добро си ја извршуваат работата, па лаптопот никогаш не е непријатно да се допира.
Камера и Аудио
Покрај уживањето во пријатната секојдневна работа и игрите, не воодушеви и звукот. Иако нема некои посебни карактеристики, ниту партнер со кој соработувал Huawei, звукот од стерео звучниците е квалитетен и доволно продорен, односно јак да бидете задоволни и да го слушнете во секоја ситуација. За тоа се задолжени два звучника со јачина од по два вати, а за одличната гласовна комуникација преку аудио и видео повиците се заслужни двата микрофони – однапред и одзади.
MateBook D15 доаѓа и со многу интересни безбедносни карактеристики. Камерата е сместена под функциското копче на тастатурата, помеѓу F6 и F7 копчињата. Кога ќе се притисне, камерата се појавува, а кога повторно ќе ја притиснете се враќа во куќиштето. При тоа, звукот и видеото се „отсекуваат“ и нема страв дека некој може да ве гледа или слуша. Исто така, од десната горна страна е поставен и голем сензор за отпечатоци од прсти, што во истовреме е и On/Off копче. Скенерот памети до пет отпечатоци, па MateBook можат да го користат соработници од истиот тим и секој може да има пристап до своите податоци на одвоени партиции, без мешање на податоците.
Софтвер и Huawei Share
И софтверот заслужува пофалби, бидејќи Windows 10 Home во соработка со многу малку Huawei апликации нуди познато, брзо и подвижно опкружување, во кое ја добивате базичната Office апликација бесплатно, но без синхронизација помеѓу уредите. За тоа е задолжен Microsoft 365 пакетот, што го добивате бесплатно на едномесечно користење, по што се плаќа месечна или годишна лиценца. Доколку ја задржите бесплатната Office апликација, ќе ги имате на располагање сите Office алатки, вклучувајќи ги Word и Excel, но со ограничени можности, иако сосема доволно за почеток на работата и размена и креирање на поголем дел од деловните документи, вклучувајќи и PDF.
Huawei во MateBook D серијата вгради само една апликација – Huawei PC Manager, која е задолжена за надзор на системот, ажурирање на драјверите, контрола на хардверот, F- функциските копчиња и поврзување со паметен телефон. Што се однесува до Bloatware софтверот, Huawei е шампион на скромноста и сигурни сме дека тоа ќе го поздрави секој нов корисник, бидејќи „чист Windows“ денес многу ретко се гледа.
My Phone е PC Manager и единствена Huawei опција, што го издвојува овој лаптоп и го прави покорисен од било кој друг конкурент на пазарот. Кога на PC Manager ќе се поврзете со својата Huawei сметка и ќе ги поврзете МатеBook и смартфонот, ќе можете да го видите интерфејсот од телефонот на компјутерот и да го користите преку тој прозорец како да користите смартфон, а при тоа воопшто да не го ни допирате. Оваа напредна опција се нарекува Multiscreen collaboration или интеракција со повеќе екрани.
Опцијата која ова го овозможува е наречена Huawei Share и на овој систем доаѓа во верзија v2.0. Ова ја олеснува контролата на двата уреда, вклучувајќи дури и извршување на повици и размена на пораки од телефонот на компјутер, додека на пример телефонот се полни на другиот крај од собата. Секако, со помош на NFC, Bluetooth и Wi-Fi Direct врска овозможен е инстант трансфер на фајлови, фотографии, документи, видеа и други податоци. Доволно е со телефонот да се допре NFC тагот на компјутерот, за фајловите да се префрлат на MateBook или да се испратат на смартфонот.
Заклучок
Освен необичниот агол на снимање на камерата од долу нагоре и да сакаме не би можеле да му пронајдеме посериозен недостаток на Huawei MateBook D15. Лаптопот работи одлично, изгледа атрактивно, нуди некои посебни и нови опции, солидно е способен за гејминг, сестран и брз е кога се работи за канцелариската и мултимедијалната употреба. Поради сите овие позитивни карактеристики сметаме дека цената од 39.999 денари не е голема за вака моќен и атрактивен лаптоп, а компјутерот можете да го купите на продажните места на Нептун, Сетек, Техномаркет и Анхоч.
Доколку сега барате преносен компјутер и располагате со 650 евра, не се двоумете. Купете го MateBook D15, а посебно доколку веќе поседувате некој смарфон на Huawei. Во овој ценовниот ранг нема претерано силна конкуренција, а кога ќе се спореди она што го нудат MateBook уредите во однос на конкуренцијата, јасно е зошто моделот D15 е тн. best buy класа, па дури и над тоа.
ПРЕДНОСТИ
- Одличен дизајн и квалитет на изработка
- Удобна, осветлена тастатура и простран, прецизен тракпад
- Одлична основна конфигурација и перформанси
- Пристоен простор за складирање од 512 GB
- Не се грее, работи тивко
- Huawei Share и MultiScreen Collaboration
- Солидно траење на батеријата
- Брзо полнење од 65 вати + полнач за телефони.
- Одлична вредност за парите
НЕДОСТАТОЦИ
- Положбата на камерата е необична (сместена под копче на тастатурата)
Huawei MateBook D15 спецификации:
- Екран: 15,6-инчи IPS LCD 16:9, Full HD резолуција, 250 јазли осветлување
- Оперативен систем: Windows 10 Home Edition
- Процесор: AMD Ryzen 7 3700U CPU
- Графика: AMD Radeon RX Vega 10 GPU
- RAM меморија: 8 GB DDR4 Dual-channel RAM (надградба до 16 GB)
- Простор за складирање: 512 GB PCIe NVME SSD
- Полнење: 65 W Type-C брзо полнење 42 Wh батерија
- Приклучоци: 3.5 mm, USB Type-C x 1, HDMI x 1, USB 3.0 (Type A) x 1, USB 2.0 (Type A) x 1
- Сензори: Hall сензор, сензор за гравитација, сензор за отпечатоци
- Камера: Вградена камера 1 MP (720P HD)
- Аудио: Два звучника со моќност 2W, два микрофона
- Поврзување: Wi-Fi: IEEE 802.11a/b/g/n/ac, 2.4 GHz и 5 GHz, 2 x 2 MIMO, Bluetooth 5.0 компатибилен со Bluetooth 4.2, Bluetooth 2.1 + EDR
- Димензии: 229.9 x 357.8 x 16,9 милиметри
- Тежина: 1,53 килограми
- Цена: 39.999 денари (околу 650 евра)