Месечината ‘рѓосува, а научниците веројатно исто толку биле збунети од тој заклучок како и вие.
Имено, ‘рѓата на Месечината не би требало да биде можна бидејќи таму нема кислород, што е еден од двата основни фактори што ја предизвикуваат. Другиот е водата.
Но, постојат докази за тоа. Индиското лунарно вселенско летало Чандрајан-1 кружел околу Месечината во 2008 година и собра податоци што до денес придонеле за многу откритија, вклучувајќи го и постоењето на молекули на вода на нејзината површина. Сондата исто така била опремена со инструмент произведен од НАСА со цел да се анализира минералниот состав на Месечината.
Истражувачите од НАСА и Хавајскиот институт за геофизика и планетологија неодамна анализирале уште некои податоци и се изненадиле кога откриле траги од хематит, форма на железен оксид или ‘рѓа. На Месечината има многу карпи богати со железо, но ‘рѓата се формира само кога железото е изложено на кислород и вода.
„Отпрвин не можев да поверувам, бидејќи, со оглед на условите на Месечината, ‘рѓа не треба да постои“, рече Абигејл Фримен, научник од НАСА.
Не само што нема кислород на Месечината, туку е преплавен со водород, што стигнува таму од Сонцето носен од сончевиот ветер. Рѓата се јавува кога кислородот ги отстранува електроните од железо, а водородот го прави токму спротивното, додавајќи електрони во него. Затоа, во области богати со водород, тешко се формира ‘рѓа.
„Многу е збунувачки“, рече Шуаи Ле од Универзитетот во Хаваи, главен автор на студијата објавена во списанието „Science Advances“. „Месечината е ужасна средина за создавање хематит.
По повеќемесечно истражување, научниците од НАСА сметаат дека ја решиле загатката. Виновникот за ‘рѓа на Месечината е – Земјата.
Нивната прва голема трага бил фактот дека најголемиот дел од ‘рѓата била сконцентрирана на страната на Месечината свртена кон Земјата, што укажува дека феноменот на некој начин е поврзан со нашата планета.
Земјата е опкружена со магнетно поле, а сончевиот ветер ја истегнува и создава долга магнетна опашка во правец на ветрот. Месечината влегува во таа опашка три дена пред да биде полна и потребни се шест дена да излезе на другата страна.
Ли верува дека кислородот од Земјата стигнува до Месечината со оваа магнетна опашка и создава ‘рѓа во контакт со молекулите на железо.
Магнетната опашка истовремено, за време на полна месечина, го блокира целиот соларен ветер, што значи дека Месечината е привремено заштитена од влијанието на водородот од Сонцето. Ова исто така отвора временски прозорец за формирање на ‘рѓа.
Но, таа теорија има неколку „дупки“. На пример, мала количина ‘рѓа е пронајдена на темната страна на Месечината, каде тешко може да стигне кислородот од Земјата, а интеракцијата на молекулите на водата и карпите на Месечината останува нејасна.
Извор: B92.net
Поврзани артикли