И покрај напорите на Microsoft да ги убеди корисниците да го користат сегашниот оперативен систем Windows 10, десетици милиони ширум светот продолжуваат да работат на компјутери со 19 години стариот Windows XP.
Најновите податоци на компанијата за веб-аналитика Net Applications покажуваат дека Windows XP лансиран во 2001. година, сè уште е жив и се користи на милиони компјутери, десетици милиони.
До крајот на август годинава, оперативниот систем стар скоро 20 години е инсталиран на 1,26% од сите лаптопи и десктоп компјутери во светот. Ова е многу повеќе од посовремените Windows 8 (0,57%), ChromeOS (0,42%) и Windows Vista (0,12%).
Официјалниот „крај“ на Windows XP се случи на 14. април 2014. година, кога Microsoft престана да го поддржува системот. Ова значи дека платформата е без безбедносни ажурирања повеќе од шест години.
Со повеќе од две милијарди компјутери ширум светот, заклучокот е дека приближно 25,2 милиони корисници продолжуваат да работат со необезбедениот оперативен систем Windows XP.
Во меѓувреме, 60% од компјутерите имаат инсталиран Windows 10, значително зголемување од нешто повеќе од 50% пред 21 месец. Уделот на Windows 7 се намали за една година од 31,53% на 22,31%.
Најблизок конкурент на Microsoft во оперативните системи е Apple, но неговата платформа заостанува далеку зад доминантниот лидер. Mac OS X 10.15 учествува со 3,49% од пазарот на компјутери, Mac OS X 10.14 сочинува 2,96%, а верзијата 10.13 – 1,44%.