Кортикостероидите, кои се евтини и широко достапни лекови, можат да им помогнат на луѓето со тешка слика на Ковид-19, да преживеат, покажуваат резултатите од тестовите објавени оваа недела.
Робусната анализа покажала дека пациентите на респиратори третирани со стероиди имаат помали шанси да умрат.
Новите студии вклучуваат анализа која ги обедини податоците од седум клинички студии по случаен избор, кои проценуваа три стероиди кај повеќе од 1.700 пациенти. Студијата заклучи дека секој од трите лекови го намалува ризикот од смрт.
Џонатан Стерн, професор по медицинска статистика и епидемиологија на Универзитетот во Бристол, кој работеше на анализата, рече дека студиите – спроведени од истражувачи во Велика Британија, Бразил, Канада, Кина, Франција, Шпанија и САД – даваат постојана порака и покажуваат дека лековите биле корисни кај најболните пациенти без оглед на возраста или полот или колку долго биле болни.
Кортикостероидите се синтетички хормони кои го имитираат кортизолот – хормон што телото природно го произведува за да помогне во регулирање на метаболизмот, имунолошкиот одговор и реакцијата на стресот.
Лекарите користат кортикостероиди за да го потиснат хиперактивниот имунолошки систем и да го намалат воспалението, што може да помогне при различни состојби, вклучително и астма и кожни нарушувања.
Коронавирусот може да предизвика хиперактивен имунолошки одговор, што може да биде фатален. Кога премногу бели крвни клетки го преплавуваат крвотокот, некои покрај вирусот го напаѓаат и здравото ткиво. Стероидите можат да помогнат да се потисне овој вид опасен имунолошки одговор кај пациенти со КОВИД-19.