Австралиските истражувачи тестираат револуционерен третман за Ковид-19, добиен од – ананас.
Професорот Дејвид Морис од болницата Сент Џорџ во Сиднеј и неговиот тим развиле веќе постоечки лек кој се користел кај пациенти заболени од рак.
Лекот наречен “BromAc” кој се произведува благодарение на ензимите од ананасот, докажано ги раствора протеините (шилците) кои коронавирусот ги користи за да ги инфицира човечките клетки. Научниот тим го надоградил и унапредил лекот, претворајќи го во спреј за нос за кој се надева дека ќе успее да го спречи ширењето на вирусот од носот и грлото во белите дробови.
Тестирањето на спрејот би можело да започне во една болница во Мелбурн следниот месец.
“Зедовме лек кој се развива повеќе од една деценија со намера да го прилагодиме за лекување на лица заразени со коронавирус”, изјавил д-р Морис.
“Резултатите од тестирањата покажуваат дека овој лек може да ги онеспособи шилците на вирусот и да спречи тие да инфицираат други клетки”, додава докторот.
Со тоа, ензимите од ананасот би можеле да бидат важен клуч во превенција на ширење на Ковид-19, а светот со нетрпение ги очекува резултатите од тестирањата ширум светот и производство на овој спреј за нос.