Пакистан блокираше пет апликации за наоѓање партнери, вклучувајќи ги и популарните Tinder и Grindr, поради нивната „неморална и непристојна содржина”.
Државното тело за надзор на телекомуникациите вчера соопшти дека го блокира пристапот на Tinder, Taged, Scout, Grindr и Say Hi, затоа што наведените апликации не се во согласност со локалните закони.
Пакистанската управа за телекомуникации соопшти дека ги известила компаниите да ги отстранат услугите за запознавање, но дека тие не реагирале навреме и дека поради тоа се блокирани. Дополнително, оттаму додаваат дека апликациите можат да ги одблокираат, доколку тие почнат да се придржуваат до локалните закони и да ја модерираат непристојната и неморалната содржина.
Tinder и Grindr се популарни во Соединетите Американски Држави и во другите западни земји, но не толку и во конзервативниот и религиозен Пакистан. Во последните 12 месеци, апликацијата била преземена околу 440.000 пати, додека во САД таа бројка била 13 милиони.
Апликацијата Grindr пак, која се опишува како „најголемата апликација за социјални мрежи за хомосексуалци, бисексуалци и транссексуалци“ во изминатата година е преземена 300.000 пати, во споредба со околу 2 милиони во САД.
Управата за телекомуникации се закани дека ќе ја блокира и популарната апликација за споделување видеа TikTok. Во јули, им беше издадено „последно предупредување“ поради „неморална, непристојна и вулгарна содржина“.
Поврзани артикли