Американската компанија Facebook најави можно спречување на објавување вести на социјалните мрежи Facebook и Instagram за компании и приватни лица од Австралија, доколку биде усвоен закон според кој ќе треба да им се плаќа на австралиските медиумски куќи за таа содржина.
Австралиската Влада во јули најави воведување на систем со кој Facebook и Google би плаќале еден вид авторски права на медиумите за објавените вести. Законот би требало да биде усвоен оваа година.
Кон крајот на минатата година, Владата препорача Facebook и Google доброволно да склучат договори со австралиските медиумски компании, но преговорите што следеа потоа, беа неуспешни.
Затоа, австралиското регулаторно тело за прашања околу конкуренцијата подготви нацрт-закони според коишто медиумските куќи ќе имаат право да преговараат за праведен паричен надоместок за работата на нивните новинари.
Реагирајќи на тоа, директорот на Facebook за Австралија, Вил Истон изјави дека предложените закони предизвикуваат недоразбирања кои само ќе им наштетат на медиумските компании.