Јапонската влада инвестира во развојот на летачки автомобили. Планот е ваквиот вид превоз да се комерцијализира во 2023.
Во моментов се развиваат повеќе концепти за летачки автомобили низ светот, а во трката се вклучени „Ербас“, „Боинг“ и „Убер“. Но, сонот да се создаде ваков автомобил е особено актуелен во Јапонија. Јапонската компанија „Скајдрајв“ неодамна претстави летало за двајца со големина на автомобил кое може да лета десетици километри со брзина од 100 километри на час.
Компанијата се надева дека успешно ќе го реализира првиот тест на леталото ова лето. Според извршниот директор на „Скајдрајв“, Томохиро Фукузава, во иднина се планира да се воведе летачко такси во поголемите градови. Компанијата планира да почне со обиколни патувања во одморалишта и забавни паркови.
Како што открива Фукузава, првиот модел ќе лета со автопилот, но не е комплетно автономен бидејќи сепак ќе биде потребен пилот за итни случаи. Компанијата очекува да продаде најмалку 100 вакви возила до 2028, а цената ќе биде како и за другите скапи автомобили.