Кинеската компанија специјализирана за вакцини „Кансино бајолоџикс“ ја патентираше првата потенцијална вакцина против Ковид-19 наречена „Ad5-nCOV“, јавуваат државните медиуми, повикувајќи се на документи за заштита на интелектуалната сопственост.
Ова е прва патентирана вакцина во Кина, објави државниот весник „Народен дневник“, повикувајќи се на документите објавени од кинеската Национална управа за интелектуална сопственост. Патентот е потврден на 11 август.
Саудиска Арабија објави дека во текот на овој месец планира да ја почне третата фаза од клиничките испитувања на компанијата за вакцинирање „Кансино“. Компанијата соопшти дека исто така е во преговори со Русија, Бразил и Чиле за започнување на третата фаза на тестирање во тие земји.
Акциите на „Кансино“ на берзата во Хонгконг се зголемија за околу 14 проценти, а на берзата во Шангај за 6,6 проценти.