Ледената површина на Гренланд се стопила до точка по која нема враќање, а напорите за забавување на глобалното затоплување нема да ја спасат од распаѓање. Ова го покажува нова студија на истражувачите од универзитетот Охајо Стејт, пишува Си-ен-ен.
„Ледената плоча сега е во нова динамична состојба. Дури и да ја вратиме климата на нивото каква што била пред 20 или 30 години, сепак ќе се загуби прилично голема маса“, вели Јан Ховат, еден од авторите на студијата и професор на универзитет во Охајо.
Ледената плоча на Гренланд годишно губи повеќе од 280 милијарди метрички тони мраз кој се топи во океанот, што е најголем поединечен придонес во зголемувањето на глобалното ниво на морињата, вели Михалеа Кинг, водечка авторка на студијата и истражувач на универзитетот во Охајо.
Губењето на мразот во последниве години е толку големо, вели Кинг, што предизвика мерливи промени во гравитационото поле над Гренланд. Топењето на мразот на Гренланд придонесува за покачување на нивото на морето за повеќе од милиметар секоја година и веројатно тоа ќе се влошува и понатаму. Експертите прогнозираат дека нивото на морето ќе се искачи за повеќе од еден метар до крајот на векот и ќе ги збрише плажите и крајбрежните имоти.
Посебно ќе бидат погодени крајбрежните американски сојузни држави како Флорида и островските држави со мала надморска височина. Зголемување на нивото на морето од само еден метар може да поплави големи крајбрежни области. Четириесет проценти од американското население живее во крајбрежни области кои се чувствителни на покачување на нивото на морето, посочува Си-ен-ен.
Поврзани артикли