Речиси 50% од потрошувачите во Македонија сметаат дека биометриската идентификација е побрзо и поедноставно решение отколку употреба на лозинка, кога се потврдува плаќање преку мобилен телефон, покажува регионалното истражување на компанијата Visa, спроведено во рамките на кампањата „Во чекор со дигиталната иднина“. Истовремено, повеќето веруваат дека сигурноста е една од главните предности на биометријата, а дури 77% од испитаниците истакнале дека отчитувањето на отпечатокот на прстот е побезбедна метода во споредба со останатите начини на автентикација.

Системите на последната генерација, оние најсовремените, можат да обезбедат идентификација на тридимензионален модел на лицето, препознавање на распоредот на вените, анализа на ДНК структурата, детектирање на мирис и специфични хемиски својства на кожата за секој човек во текот на плаќањето. Меѓутоа, од сите биометриски опции, граѓаните на Македонија најдобро се запознаени со скенирање на окото (64%) и препознавање на гласот (61%).

Речиси половина тврдат дека го знаат методот на отчитување на отпечатокот на прстот, а 59% препознавањето на лицето. Најголемото непознавање е идентификацијата заснована врз распоредот на вените (82% од корисниците никогаш немаат слушнато за таква можност).

Бројот на редовни корисници на биометриско плаќање во Македонија и понатаму е мал. Околу 15% од испитаниците кажале дека редовно користат отисок од прст при плаќање, а шест отсто користат метод на препознавање на лицето, додека употребата на останатите опции е скоро занемарлива.

Кога станува збор за традиционалните начини на автентикација, вклучувајќи и употреба на лозинка, 28% од испитаниците изјавиле дека имаат сомнежи во поглед на сигурноста при внесувањето. Речиси 38% од потрошувачите, притоа користат различни варијанти за своите дигитални сервиси, додека само 18% користат иста лозинка за секоја од сметките. Околу 37% од граѓаните сметаат дека е фрустрирачки тоа што понекогаш не можат да се сетат на својата лозинка или PIN код и затоа мораат да ја менуваат картицата, губат време, одат во банка и слично.

Во исто време, скоро секој шести потрошувач во Македонија во некој момент се има откажано од онлајн купување бидејќи ја има заборавено својата шифра за кориснички налог во онлајн продавницата или затоа што не му пристигнала еднократна лозинка од банката по SMS. Честопати проблем и потешкотија е и логирањето на онлајн налозите од технички причини. Еден од ефикасните начини да се надминат овие недостатоци е примената на биометриската технологија, која на потрошувачите им овозможува поедноставно и побрзо да ја реализираат набавката на посакуваните производи.

Сето тоа води до податоците од истражувањето, според кое секој трет потрошувач како главна предност на примената на биометријата го наведува и фактот дека не постои можност за губење или заборавање на лозинката или PIN кодот. Доколку се изгуби мобилниот телефон или компјутерот, податоците се заштитени и не можат да бидат неовластено употребени, а скоро половина од испитаниците се свесни за тоа.

Корисниците на картички во Македонија имаат поголема доверба во биометриското плаќање, доколку таа опција им ја нуди банката или издавачот на картичка, најмногу поради причина што се посигурни дека нивните податоци на тој начин ќе бидат повеќе заштитени.

Како недостаток, се истакнуваат стравувањата дека оваа технологија нема да функционира успешно, како и недостатокот на комфор при користењето на биометриката на јавни места.

Веруваме дека биометријата ќе стане стандард во мобилното плаќање. Компаниите ширум светот веќе започнуваат да користат технологии како скенирање на отисок од прст и препознавање на лицето, а каква е нивната фреквенција покажува податокот дека годишно се преземаат 770 милиони апликации по пат на биометриска автентикација. Технологијата носи не само практичност, туку и нови облици на безбедност и проверка на идентитетот. Во регионот ќе биде интересно да се види како потрошувачите ќе ги прифатат таквите предности преку мобилното плаќање. Visa веќе започна да применува биометрика во Србија и Црна Гора преку Apple Pay услугите, а планира иновативната технологија да ја претстави и во другите земји. Како што се појавуваат нови апликации на пазарот, така иднината ни отвара сè повеќе можности“, рече Владимир Ѓорѓевиќ, генерален директор на компанијата Visa за Југоисточна Европа.

Дека биометриката има голем потенцијал во Македонија потврдува и фактот дека дури 70% од потрошувачите покажале интерес за користење на современи технологии во иднина при потврдување на дигиталните плаќања.

Во Србија 41% од купувачите изразиле желба во наредниот период да го користат методот на отисок од прст за автентикација во текот на плаќањето. Во Црна Гора тоа се 39%, а во Босна и Херцеговина 37% од потрошувачите.

Visa е посветена на давање на поддршка на бизнисите, кои се погодени од пандемијата и сака со својата експертиза, анализа на податоци и производи да им овозможи што побрзо да застанат на нозе. Светскиот лидер во дигиталното плаќање спроведе регионално истражување за бесконтактно плаќање, е-трговија и употреба на биометрија за да ја запозне јавноста со новитетите во потрошувачките навики и на тој начин да им помогне на компаниите во носењето на важни одлуки.