Врската со Земјата повеќе не зависи од американските колеги и нивниот сегмент на станицата.
Рускиот сегмент на Меѓународната вселенска станица е приклучен на широкопојасен сателитски канал за комуникација со Земјата, а космонаутите повеќе немаат потреба да ги користат американските канали, соопшти Ракетно-космичката корпорација „Енергија“, оператор на рускиот сегмент на станицата.
„Космонаутите досега можеа да остварат комуникација со Земјата единствено кога летаа над руска територија, а за комуникација надвор од наведената зона ги користеа американските средства за врска.
Во овој момент повеќе не зависиме од нашите колеги и американскиот сегмент на станицата“, изјави директорот на одделот за дигитален развој на државната корпорација „Роскосмос“ Константин Шадрин.
Во видеоснимката објавена на јутјуб-каналот на ракетно-космичката корпорација „Енергија“ се вели и дека сега во текот на една орбита на Меѓународната вселенска станица околу Земјата која трае 92 минути, врската се воспоставува преку домашни сателити-примопредаватели „Луч“ двапати по 30 минути. Засега работат два вселенски апарата.
Во најскоро време планираме да приклучиме и трет. На тој начин ќе се обидеме да реализираме покриеност на целата орбита исклучувајќи некое пократко време, рече Игор Бродски, еден од раководителите на „Енергија“. Како што се наведува, во иднина врската со Земјата ќе биде обезбедена во режим од 24 часа.
Првиот заменик на генералниот директор на компанијата „Гонец“ Олег Химченко претходно изјави дека опремата за обезбедување на системот за широкопојасна комуникација на рускиот сегмент на МВС со Земјата преку сателити-примопредаватели „Луч-5“ е доставена на станицата и дека каналот ќе почне регуларно да функционира годинава. Според него, брзината ќе изнесува до 105 мегабајти во секунда. Космонаутот Александар Скворцов соопшти во мај дека системот е тестиран.
На почетокот на овој месец Дмитриј Рогозин најави дека комуникацијата на рускиот сегмент на Меѓународната вселенска станица ќе профункционира до крајот на оваа година.
Во овој момент орбиталната група сателити-примопредаватели „Луч“ има три вселенски апарати – Луч-5А, Луч-5Б и Луч-5В кои се лансирани во вселената во периодот од 2011 до 2014 година. Лансирањето на сателитот Луч-5ВМ е планирано за 2024 година.
Извор: Russia Beyond