Дигиталниот форум ја состави Листата на даватели на обуки за дигитални вештини и обуки за дигитални вештини согласно со Уредбата со законска сила за издавање ваучери за млади лица за обуки за дигитални вештини заради подобрување на нивната конкурентност на пазарот на трудот за време на вонредна состојба.
Листата е објавена на веб-страницата на Министерството за образование и наука кое на 28 јуни го објави Повикот за изразување интерес за запишување во Листата на даватели на обуки за дигитални вештини и обуки за дигитални вештини.
Согласно со третиот сет економски мерки, Владата донесе Уредба за доделување ваучери за млади лица за обука за дигитални вештини во вредност од 30.000 денари. Ваучерите ќе покријат дел од трошоците за ИТ-обуките кои ќе бидат од најосновни до најнапредни дигитални вештини и програмирање. Вкупниот буџет е 150 милиони денари.
Правните лица кои беа заинтересирани за давање обуки за дигитални вештини можеа да се пријават на повикот на МОН. Тие кои се пријавиле, како и видот на обуките што ги понудиле, се селектирани од Дигитален форум – независно тело со претставници од универзитети со ИКТ-студии, четирите стопански комори, ИКТ-експерти и двајца претставници од Владата. Целта е јавноста да биде сигурна дека селекцијата на обуките ќе биде транспарентна и согласно со потребите на пазарот на трудот.
Дигиталниот форум ја утврди листата на даватели на обуки за дигитални вештини, како и самите обуки. Листата е објавена од МОН и младите лица самите ќе го изберат видот на обука и правното лице што ќе ги обучува, согласно со нивните потреби и знаења.
Како што минатиот месец на прес-конференција соопштија министрите за образование и наука и за информатичко општество и администрација, Арбер Адеми и Дамјан Манчевски, право на пријавување ќе имаат млади до 29 години со најмалку завршено средно образование.
Ќе се пријавуваат преку порталот uslugi.gov.mk почнувајќи од 19 јули. Ќе добијат електронски ваучер во вредност од 30.000 денари кој потоа ќе можат да го искористат кај некој од понудувачите на обуките од утврдената листа.
Ваучерите за ИТ-обуки треба да им помогнат на младите да ги подобрат своите дигитални вештини со што ќе станат и поконкурентни на пазарот на трудот и брзо да најдат работа.
-Се одлучивме за овој чекор со цел да им помоигнеме на младите лица за справување со последиците од економско-здравствената криза, но и да бидат конкурентни за работни места на кои платите се повисоки и поради евидентниот недостиг на ИТ-кадар. Пандемијата со КОВИД-19 донесе нови правила на работа и неопходно е сите да се приспособиме на тоа. Дигиталната трансформација и вештини се наметнаа како неопходни како никогаш претходно, рече Манчевски.
При селекцијата на даватели на обуки се земени предвид соодветноста на предложените обуки, а од друга страна истражувањата за потребите од дигитални вештини на пазарот на трудот. Постапката за аплицирање на фирмите, на граѓаните и употребата на ваучерите е целосно електронска.
Покрај ваучерите за ИТ-вештини наменети за млади лица, Владата минатиот месец донесе и две уредби за финансиска поддршка на средношколци и студенти од семејства со ниски примања, од 3.000 односно до 6.000 денари.
Поврзани артикли