Американскиот технолошки гигант Nvidia и германскиoт производител на автомобили Mercedes-Benz ги здружија силите и работат на развoj на софистицирана и напредна компјутерска архитектура за автомобили.
Двете компании планираат да воведат комплетно нов систем интегриран во сите нови генерации возила на Mercedes од 2024 година, а во срцето на овој нов дефиниран систем ќе биде платформата Nvidia DRIVE AGX Orin, таканаречен end-to end систем за повеќекратна обработка на податоци (multiprocessing) базиран на Nvidia Ampere суперкомпјутерска архитектура, која ќе обезбеди врвна автоматизирана автономна функционалност на овие возила.
Бидејќи системот се заснова на длабоки неуронски мрежи, тој со текот на времето се развива и постојано се подобрува.
Некои од главните карактеристики ќе бидат дека патувањата ќе можат да се автоматизираат на редовни рути од адреса до адреса и автоматизирано паркирање до четврто ниво на автономија.
Интересно е и тоа што, клиентите ќе можат дополнително да купуваат нови опции, софтверски апликации и услуги сo претплата по пат на over-the-air (OTA) надградби на софтвер во текот на целиот животен век на автомобилот.
Ова ќе доведе до она што двете компании го нарекуваат „машина која постојано се надоградува“.
Ова е најголемото партнерство од ваков вид во транспортната индустрија. Заедно, ќе го револуционизираме искуството за сопственост на автомобили со тоа што софтверот за возила ќе биде отворен за програмирање и континуирана надградба преку ОТА, посочува шефот на Nvidia, Јенсен Хуанг. Никогаш досега толку многу компјутерска моќ не била ставена во автомобил, додава тој.
Шефот на Mercedes со еднаков ентузијазам најави нов чекор кон иднината на овој германски производител на автомобили, велејќи дека новата платформа ќе биде ефикасна, централизирана и софтверски дефинирана, и ќе ја зголеми безбедноста, вредноста и радоста на сопственоста за сите корисници на Mercedes.