Европската комисија ја одобри употребата на ремдесивир за лекување на коронавирусот.
„Денешното одобрување за прв лек за лекување на Ковид-19 е важен чекор напред во борбата со овој вирус“, се вели во изјавата за комесарот за здравство на ЕУ, Стела Киријакидес.
Ремдесивир, антивирусен лек произведен од биофармацевтската компанија „Гилеад сајансес“ со седиште во Калифорнија, стана првиот третман на Ковид-19 кој доби поддршка од Европската агенција за лекови и во исто време е причина за расправии меѓу ЕУ и САД откако Американците, наводно, ја откупиле глобалната залиха од лекот.
Европската агенција за лекови (ЕМА) претходно ја поддржа употребата на ремдесивир. Агенцијата ги наведе позитивните резултати на „ремдесивир“ во клиничките испитувања кои покажаа дека третманот е безбеден и ефикасен.
ЕМА наведе клиничко испитување на повеќе од 1.000 пациенти хоспитализирани со Ковид-19. Оние што го примиле третманот закрепнале, во просек, четири дена порано од оние кои примале плацебо. Според ЕМА, пациентите со Ковид-19 на кои им е потребен дополнителен кислород треба да примаат ремдесивир не повеќе од девет дена.
Стефан де Керсмекер, портпарол на Европската комисија, изјави во четвртокот дека ЕУ преговара со „Гилеад сајансес“ за можноста за обезбедување доволен број дози на лекот за ЕУ во време на извештаи дека САД имаат намера да прават залихи од него.
Изјавата следува неколку дена откако медиумите објавија дека САД ги купиле речиси сите резерви на ремдесивир во наредните три месеци од биофармацевтската фирма, со што значително го ограничуваат пристапот на европските земји до лекот.
Додека првите 140.000 дози од лекот беа продадени низ цел свет, Вашингтон кон крајот на јуни купи околу 500.000 дози, што е околу 90 отсто од тримесечната понуда на лекот.
Поврзани артикли