Од 3 јули клиентите на Халкбанк кои се корисници на платежни картички Mastercard, а имаат мобилен уред со оперативен систем „Андроид“, од Google Play Store ќе можат да ја преземат апликацијата за бесконтактно плаќање HalkPay.
Мобилниот уред веќе навистина станува паричник и отсега безбедно и лесно сите корисници на платежни картички од брендот Mastercard, независно дали се кредитни или дебитни, преку апликацијата HalkPay ќе можат да уживаат во бесконтактното плаќање на сите ПОС-терминали што поддржуваат NFC-технологија.
По инсталирање на HalkPay и потребната активација, корисникот сѐ што треба да направи е да го доближи својот мобилен уред до ПОС-терминалот и плаќањето ќе биде извршено, а апликацијата дополнително овозможува и плаќање со повеќе регистрирани Mastercard картички во банката, како и преглед на трансакциите кои се направени на дигитализиран начин.
„По воведување на услугата ‘СМАРТ КЕШ’, која овозможува повлекување готовина од АТМ без употреба на картичка и претставува новина на банкарскиот пазар во Македонија, преку апликацијата HalkPay на нашите клиенти- физички лица, им овозможуваме лесно и безбедно користење и на мобилно плаќање. На овој начин, нашиот клиент веќе навистина го има својот паричник во неговиот мобилен уред. Тој сега станува корисник на единствениот пакет од ваков тип на пазарот за готовински и трансакциски плаќања во дигитализирана форма преку мобилен телефон. Во време на пандемија, кога сите препораки велат да се одбегнува готовинското плаќање со цел поголема заштита на населението, сметаме дека HalkPay доаѓа во вистинскиот момент и е уште еден чекор повеќе во насока на грижа за нашите клиенти и обезбедување супериорно корисничко искуство“, изјави Маја Наумовска-Савеска, директор на дирекција за корпоративни и маркетинг комуникации во Халкбанк.
Кога социјалното дистанцирање не се однесува само на интеракциите помеѓу луѓето, туку и на одбегнување контакт со јавните уреди, бесконтактното плаќање за секојдневните купувања на корисниците секаде во светот е во постојан пораст, велат од Mastercard. Неодамнешното глобално истражување на оваа компанија за навиките на корисниците, покажува дека речиси 8 од 10 клиенти користат бесконтактно плаќање, а бесконтактните трансакции пораснаа два пати повеќе, особено на местата каде населението најчесто пазарува, како маркетите и аптеките.
„Mastercard веќе со години е глобален предводник за промена кон бесконтактни трансакции, застапувајќи го едноставниот, безбеден и брз начин на плаќање секаде во светот. Воведувањето на апликацијата HalkPay во Македонија е одговор на рапидното менување и на локалните кориснички навики и сега плаќањето со мобилен телефон е достапно и тука за клиентите на Халкбанк. Следејќи ги светските трендови во вршењето трансакции, ние продолжуваме и понатаму со воведување на нови услуги од ваков тип, кои ќе бидат резултат на потребите на корисниците, но и ќе го развијат корисничкото искуство на уште повисоко ниво“, изјави Вања Манова, менаџер во Mastercard за Бугарија, Македонија, Албанија и Косово.
Мобилната апликација HalkPay е овозможена преку MDES технологијата на Mastercard (Mastercard Digital Enablement Service), која е иновативно решение за дигитални плаќања и благодарение на која трансакциите се побрзи, а на корисниците им нуди подобар начин да пазаруваат и да плаќаат, како и побезбедно плаќање од повеќе поврзани уреди преку допир или клик.