Од прилика 1,7 милијарди луѓе, или повеќе од една петина од светската популација е во опасност од потежок облик на Ковид-19 поради „придружните“ заболувања како срцевите болести, или пак прекумерната тежина.
Новиот коронавирус кој во првиот бран од пандемијата однесе повеќе од 420 илјади животи ширум светот, посилно ги погодува пациентите со значаен коморбидитет, односно нивните основни болести.
Група на научници од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина ги анализираше глобалните податоци за низа на болести како дијабетисот, болест на белите дробови и ХИВ за да се процени колку луѓе во светот имаат предиспозиции да се заболат од потежок вид на Ковид- 19.
Тие откриле дека секој петти човек во светот има најмалку една основна болест која го доведува во поголема опасност при евентуално заразување со коронавирусот.
Иако сите тие во случај на зараза нема да развијат тешки симптоми, научниците предвидуваат дека околу 4% од светската популација, односно околу 350 милиони луѓеверојатно ќе завршат во болница.
„Земјите излегуваат од карантин, а владите трагаат по начини како да ги заштитат најранливите од вирусот кој и натаму кружи“, изјави еден од авторите на студијата, Ендру Кларк.
Тој додаде дека резултатите од студијата би можеле да им помогнат на владите во одредувањето на приоритетите на вакцинирање кога ќе се пронајде вакцина за Ковид-19.
Во склад со резултатите од други студии, и во оваа авторите заклучија дека постарите лица се во поголема опасност од развивање на потежок облик на болеста.
Имено, помалку од 5% од глобалната популација помлада од 20 години има некој придружен фактор на ризик во споредба со двете третини на лица постари од 70 години. Докторите исто така предупредуваат дека посебно внимателни треба да бидат земјите со висока стапка на ХИВ вирусот.
Научниците во заклучокот велат дека студијата покажува дека е време пристапот кој е еднаков за сите, да се развие во пристап кој ќе се сконцентрира повеќе на лицата со поголем ризик да заболат од потежок облик на Ковид-19.