Компанијата Huawei ја објави достапноста на „Petal Search – Find Apps“ виџетот за пребарување, кој пристигнува преинсталиран на новата Huawei P40 серија телефони. Исто така, можно е да се преземе преку AppGallery сервисот. Petal Search функционира како мост за пристап до милиони апликации и начин за пребарување на вести, фотографии и други содржини преку почетниот екран на уредот.
Бидејќи се уште на сила е одлуката на американската администрација, која на компанијата Huawei не и дозволува соработка и работење со компании од САД (а посебно со компанијата Google), тоа значи дека најновиот хардвер на кинеската компанија не може да ги користи сервисите на Google, вклучувајќи ги Google Play Store, Google Maps, YouTube или Gmail.
Huawei веќе го има AppGallery – замена зa Play Store, со сопствена селекција на апликации и игри. Сервисот константно се надградува и унапредува. Сега кинеската комапнија го претстави и „Petal Search – Find Apps“ виџетот. Оваа опција автоматски ќе пребарува на веб за да пронајде апликации за P40 серијата телефони. Ова пребарување ги вклучува екстерните продавници на апликации, како и се во рамките на Huawei AppGallery.
Petal Search – Find Apps ќе нуди опции за преземање засновано на пребарувањето на корисникот, без разлика дали се работи за линк од AppGallery, линк од сајтот на програмерот или преземање од екстерната продавница за апликации.
Petal Search – Find Apps виџетот за пребарување моментно поддржува повеќе од 40 јазици и достапен е во 45 држави и региони, со планови за дополнително ширење на достапноста во иднина. Новата алатка за пребарување пристигнува преинсталирана на Huawei P40 серијата (P40 Pro, P40 и P40 Lite), како и за постоечките Huawei корисници, а достапна е за преземање преку AppGallery.