Триесет и девет проекти на основни и средни училишта од целата држава, се наградени во рамките на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи 3“ кој Фондот за иновации и технолошки развој го спроведува во соработка со Министерството за образование и наука. Она што охрабрува е дека и во услови на здравствена криза и затворени училишта, на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи 3″ дури 58 училишта доставија свои предлог проекти.
“Оваа година беше малку поинаква од другите но сепак тоа не не спречи нас младите да продолжиме да си ги остваруваме нашите цели и да работиме на тоа што сакаме да го постигнеме. Ситуацијата во која сега се наоѓаме, не учи дека не секогаш ќе имаме идеални услови за работа и ни кажува дека некогаш треба да изелеземе од комфор зоната за да напредуваме и да станеме подобри личности,“ им порача на сите ученици и ментори, Давид Стојкоски, првенец на генерација 2016 – 2020 во скопската гимназија „Никола Карев“ и практикант во ФИТР на прогласувањето на наградените училишта кое се одвиваше онлајн. Големиот одѕив на училиштата и во вакви вонредни услови заслужува голема афирмација изјави и премиерот Оливер Спасовски.
Сакам да истакнам дека во вакви времиња, заканата од пандемијата не смее да го исплаши и запре истражувачкиот дух и мотивираноста на учениците да дојдат до нови знаења. Токму во вакви времиња е особено потребни креативноста, љубопитноста, истражувачкиот дух, како и мотивираноста да се постигнуваат нови успеси. Тоа се вредности што одат рака под рака со здравите работни навики и со лидерските особености. Мотивирани млади луѓе се градителите на нашата убава и перспективна иднина. Такви млади луѓе и се потребни и на нашата земја, а такви млади луѓе сте токму вие кои успеавте да стигнете до победничкото место во програмата „Предизвик за млади истражувачи 3“. На вашата желба и обврска да бидете вредни ученици, да покажете интерес, со труд и посветеност да им пристапувате на вашите училишни обврски и вонучилишни активности, ние возрасните имаме обврска да ги отвориме сите патишта што водат кон таа надежна и перспективна иднина за вас младите. Сакам да знаете дека сите ваши успеси се наша голема радост и ви посакувам уште многу успеси!,“ им порача Спасовски.
Директорот на Фонд за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, најави дека поддршката за младите во земјава ќе продолжи.
„Кога зборуваме дека оваа држава, Владата и ФИТР вложуваат во младите ова е конретен пример дека тоа се прави реално и во пракса. И покрај тоа што бевте соочени со здравствена криза, ризици и неизвесност вие решивте да ни одговорите на предизвикот со одлични проекти. Овој настан е начин како ние како институција и како Влада да ви кажеме благодарам што и во вакви тешки услови направивте нешто корисно за вас, но и за држаавата. Со денешните наградени училишта имаме речиси сто поддржани училишта во кои се вклучени над 800 ученици и ментори. Ние остануваме посветени на поддршката на младите луѓе и понатаму бидејќи вие сте сте ми вистинска мотивација и инспирација дека оваа земја има одлична иднина. Вашиот креативен потенцијал е огромен, а наш приоритет е да вложуваме во него и да го развиваме, “ порача Деспотовски.
Тој најави дека со почетокот на новата училишна година Фондот ќе објави и нов Предизвик за млади истражувачи.
Целта на овој повик кој Фондот го спроведува веќе трета година е поттикнување на креативното размислување кај децата и поддршка за истражувачки проекти базирани на научен метод.
Годинава прворангирано основно училишта е ООУ „Страшо Пинџур“ од Неготино, додека кај средните училишта најдобро рангиран е проектот на гимназијата „Орце Николов“. Наградените училишта од целата земја, ќе работат на проекти во различни области од природните и технички науки. Во најголем дел предлог проектите се поврзани со истражување на полето на биологија, физика и хемија.
Вкупниот буџет на повикот е 6.000.000 денари. Поединечен предлог проект може да добие до 300.000 денари и дополнителни 30.000 денари за ментори, наменети за обуки, семинари, конференции што би придонеле кон поуспешна реализација на проектот.
Комисијата за избор и одлучување беше во состав: Нуран Кадриу Џамбази – претставник од Сектор средно образование при МОН, Илинка Тарчуговска – претставник од Сектор основно образование при МОН, М-р Валентина Гоцевска и М-р Владо Стојанов – претставници од Бирото за развој на образование, Слобoданка Филиповска – претставник на Здружението за поттикнување и подготовка на младите за успех во глобалната економија Џуниор Ачивмент Македонија, Елена Хаџи Пецова – претставник на Центар за развој на претприемачи и менаџери Цеед Македонија, како и Сандра Крстиќ и Неда Икономова Гавриловска од ФИТР.
Предизвикот беше отворен на 24.01.2020 година. Поради новонастанатата ситуација со пандемијата со Ковид-19, на барање на училиштата рокот беше продолжен до 06.04.2020 година. Во изминатите две години се поддржани 54 училишта со над 500 вклучени ученици.
Поврзани артикли