Huawei P40 Pro во однос на хардверот моментно нуди најдобар однос на квалитетот за потрошените пари, но доаѓа без Google сервисите и Play Store.
НИКОЛА БУРАГЕВ
Откако Huawei како колатерална жртва на америкaнско-кинеската трговска војна остана без сервисите на Google, многумина се прашуваа што ќе биде со нивната P серија напролет. Како што можете да видите, развојот на новите уреди воопшто не беше доведен во прашање, што можевме и да го претпоставиме, иако не го знаевме начинот на кој ќе се одвиваат работите. P40 серијата беше претставена кон крајот на март преку онлајн презентација, а оваа година се состои од три уреди: Huawei P40, P40 Pro и P40 Pro Plus.
Дизајн
На тест го добивме Huawei P40 Pro смартфонот во конфигурација со 8GB RAM и 256GB простор за складирање и во привлечна сребрена нијанса. Дизајнот и овој пат е едноставен, елегантен и со вистинска мерка кога се во прашање деталите. Најпрвин, тука е закривениот дисплеј, чии рабови „паѓаат“ и видливо е како краевите на дисплејот се стенчуваат за да преминат во закривување. Huawei овој екран и го нарече Owerflow, но за разлика од моделот Mate 30 pro, кој имаше сличен концепт, тој е дополнително унапреден и закривувањето нема да ви пречи додека нешто читате на смартфонот.
Помеѓу дисплејот и задната страна има адекватна алуминиумска рамка, која елегантно преминува на глоси финишот искористен на задната страна на уредот. За разлика од Samsung, кој го намали закривувањето на екранот кај своите уреди, Huawei малку го зголеми. Поради тоа, дисплејот кај P40 Pro се прелива преку работ, но сето тоа е во границите на дозволеното.
Екран
Екранот, покрај камерата е најинтересно унапредување за Huawei. Имено, со 6,58 инчи се работи за телефон кој лесно ќе го држите во рака, а во исто време пружа одличен преглед благодарение на односот на страници 19.8:9. Дисплејот е нова генерација OLED со висока резолуција 1,200 x 2,640 пиксели (441 ppi) и повисока стапка на освежување од 90Hz, што резултира со пореалистични анимации и побрзо и пофлуидно движење на дисплејот, што посебно доаѓа до израз при играњето игри. Во пракса екранот изгледа совршено со одлична репродукција на бои и беспрекорно однесување на силно дневно светло.
Она што е највпечатливо на екранот е засекот сместен на левата страна, со облик на елипса и нешто поголем отколку кај P30 Pro. Во него сега се сместени предната камера од 32MP со автофокус, ToF камерата, сензорот за амбиентално светло и IR flood илуминатор, а сето тоа за да се овозможи отклучување на телефонот со скенирање на лицето, без оглед на осветлувањето. Ако не ви се допаѓа засекот, можете да ја изберете опцијата преку него да оди статусната лента. Секако, во склад со OLED технологијата, имате и можност за користење на Always On екранот, кој постојано ви овозможува да видите колку е часот и кој датум е денес.
Хардвер и перформанси
Huawei во флегшип рангот на своите смартфони веќе традиционално се потпира на своите сопствени решенија, а најдоброто што компанијата може моментно да го понуди на ова подрачје е Kirin 990 5G процесорот. Овој процесор е наменет за што подобри перформанси на клучните подрачја кај паметните телефони, а тоа се AI функциите, енергетската ефикасност и перформансите. Ова е прв 5G флегшип процесор на компанијата со EUV технологија.
Компанијата наведува дека благодарение на иновативните архитектури во три нивоа на ефикасност, Kirin 990 серијата постигнала подобрување на општите перформанси од 20 проценти во однос на претходната генерација процесори и зголемување на енергетската ефикасност за 30 отсто. Huawei Kirin 990 е изработен во 7nm производен процес и доаѓа со осум јадра – две Cortex-A76 јадра кои работат на так од 2,86 GHz, две Cortex-A76 јадра на такт од 2,36 GHz и четири Cortex-A55 јадра, кои работат на ракт од 1,95 GHz. GPU со Mali-G76 MC16 архитектура ги зголемува перформансите за 30% и истовремено ја оптимизира енергетската ефикасност за 46 проценти, додека Kirin Gaming+ 2.0 функцијата посебно е дизајнирана за врвно гејминг доживување.
EMUI 10 корисничкиот интерфејс на Huawei P40 Pro работи исклучително брзо и флуидно, многу е пријатен за корисење и на секој корисник ќе му го пружи сето она што се очекува од еден флегшип уред. Дури и кога е максимално оптоварен, анимациите работат беспрекорно глатко и смартфонот секогаш е многу респонсивен, а сето тоа ни говори дека Huawei вложува многу труд во софтверската оптимизација, која со секој нов модел е на се повисоко ниво – нешто со што ретко која компанија може да се пофали.
Софтвер и AppGallery
Huawei и покрај наметнатите санкции продолжи своите паметни телефони да ги продава на глобалниот пазар, а главното прашање кое ги загрижува купувачите е што е со сервисите на Google. Одговорот е краток и јасен, а гласи дека ги нема. Па, што може да направи еден корисник кој навикнал на соживот со Google во секој сегмент на користење на смартфонот? На располагање му се неколку работи.
Како прва ќе ја споменеме Phone Clone апликацијата, со која на новиот телефон на Huawei од стариот Android или iPhone уред може да се копираат фотографии, фајлови, музика, контакти, пораки, листата на повици и апликации, но само оние кои се поддржани од Huawei. Значи без поголем дел од апликациите на Google, вклучувајќи го Play Store, Gmail, You Tube, Google Maps итн.
Наместо сервисот на Google за преземање апликации (Play Store), Huawei како алтернатива го понуди својот сервис наречен AppGallery. Вложени се милијарда долари во додавање бројни познати глобални, но и локални апликации во оваа продавница, па така веќе сега Huawei App Gallery е третиот најголем еко-систем на апликации на светот, по Google Play и Apple App Store.
Конкретно, меѓу глобално познатите апликации можат да се пронајдат Viber, HERE WeGo мапите, TikTok, Deezer, Tidal, Snapchat, AliExpress Shopping App, Microsoft Office, Telegram, Tinder, AccuWeather, Amazon Shopping, Kodi, Opera, Opera Mini, Fortnite, World of Tanks, Asphalt 9 и др. Во продавницата на Huawei можат да се најдат и македонски апликации како што се: AirCare, Mojot A1, m-Banking by Stopanska Banka.
Покрај тоа, во Huawei App Gallery ќе пронајдете и некои необични апликации, каква што е iOS Launcher, со која графичкиот интерфејс на својот телефон можете во целост да го пресликате од оној на iPhone. На располагање ви се и таканаречените „брзи апликации“, односно Quick Apps, кои не е нужно да се преземат и инсталираат, туку можат директно да се стартуваат од App Gallery. Воглавно станува збор за едноставни игри, апликации за превод, за чекирање авионски летови итн.
Сепак, на AppGallery нема да пронајдете ниту една Google апликација, како и некои без кои животот е тешко замислив како Facebook, Instagram и WhatsApp. Поради сето тоа, корисникот е приморан да инсталира некој алтернативен сервис за апликации како Apkpure, каде можат да се пронајдат сите посакувани апликации.
Со помош на овој сервис можно е на P40 Pro да се инсталираат Google апликациите како што се Gmail, Drive, YouTube, Google Photos и други, но тие нема да работат, бидејќи уредот ги нема инсталирани сите потребни сервиси на Google. Единствено што му преостанува на корисникот е во веб-прегледникот со функцијата кратенки, на почетната страница да ги додаде и постави саканите апликации. Ова го направивме и ние и функционира сосема ОК. Што се однесува до Gmail, тој може да се користи и преку апликацијата на Huawei за мејл, наречена Е-пошта. Се на се, корисникот мора малку повеќе да се потруди околу апликациите, но на крајот трудот се исплати и се може повеќе или помалку да се среди на саканиот начин.
Батерија и полнење
Батеријата не претставува никаков проблем за овој модел на Huawei. P40 Pro ima 4,200 mAh Li-Po батерија си 40W SuperCharge и за 30 минути може да дополни до околу 80 проценти од капацитетот. Благодарение на Kirin 990 5G процесорот, кој донесува зголемување на енергетската ефикасност за 30 проценти, уредот има значително подобра автономија од претходните телефони на Huawei.
При нашето тестирање на Huawei P40 Pro батеријата без проблем издржуваше околу ден и половина, а во некои случаи ни овозможи и два дена автономија. Смартфонот ја има и опцијата за паметно полнење, па ако го ставите телефонот да се полни преку ноќ, тој во некој момент ќе прекине да се полне и ќе се наполни до крајот пред разденувањето.
Заклучок
Huawei P40 Pro е смартфон кој дизајнерски и хардверски е речиси совршено склопен, а како шлаг на вкупниот впечаток се веројатно најдобрите камери кои во овој момент постојат на пазарот на паметните телефони. Тешко е да му се најде замерка на овој телефон, иако купувачите едноставно мораат да бидат подготвени на одредени компромиси, кои еден Huawei смартфон без сервисите на Google ги бара од нив. Моментно не постои официјален начин на кои можат да се инсталираат на овој уред, но постојат начини на кои може да се ублажи нивното изоставување. Во однос на сите останати работи, овој уред секој нов ден се повеќе не воодушевува. Huawei P40 Pro може да се купи и на македонскиот пазар по препорачана цена од 59.999 денари.
Предности:
- Извонреден OLED екран со 90Hz освежување
- Квалитет на изработка и дизајн
- Врвен хардвер и перформанси
- 256 GB меморија во основниот модел
- Натпросечна автономија и неверојатно брзо полнење
- Камера без конкуренција на пазарот
Недостатоци:
- Нема надворешни стерео звучници
- Нема 3,5 мм влез за слушалки
- Недостасуваат Google сервисите и Play Store
ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
Процесор и графика | Huawei HiSilicon KIRIN 990 5G, 8 јадра, 2.86 GHz / Mali-G76 MP16 |
Екран: | 6.58-инчи OLED, 2640 x 1200, сооднос од 19.8:9, 441ppi, 90Hz |
RAM и меморија: | 8GB RAM; 256 или 512GB интерна меморија |
Задни камери: | 50 MP, f/1.9, 23mm (wide), 1/1.28″, 2.44µm, omnidirectional PDAF, OIS
12 MP, f/3.4, 125mm (periscope telephoto), PDAF, OIS, 5x optical zoom 40 MP, f/1.8, 18mm (ultrawide), 1/1.54″, PDAF TOF 3D, (depth) |
Предна камера: | 32 MP, f/2.2, 26mm (wide), 1/2.8″, 0.8µm, AF |
Поврзливост: | GSM / HSPA / LTE-A / 5G / Wi-Fi 802.11 a/b/g/n/ac/6, dual-band, Wi-Fi Direct, hotspot |
Батерија: | 4.200mAh |
Полнење: | 40W брзо полнење, 27W безжично, 27W реверзибилно |
Издржливост | IP68 отпорност на вода и прашина |
Биометриска безбедност: | Сензор за отпечатоци од прсти вграден во екранот, отклучување со препознавање на лицето |
Оперативен систем: | Android 10, EMUI 10.1 |
Димензии и Тежина: | 158.2 x 72.6 x 9 мм / 209 гр. |