Прескокнати девет броеви во номенклатурата и новото име Galaxy S20 Ultra само донекаде покажуваат колку Samsung сака овој уред да го прикаже импозантен.

НИКОЛА БУРАГЕВ

И покрај тоа што Samsung секоја година објавува нова Galaxy S серија, унапредувајќи го она што на корисниците им пречело во минатата, за вистинските ентузијасти отсекогаш се барала алтернатива. Уште од Galaxy S7 серијата, воглавно на Plus моделите се гледаше како на најдобро од понудата за таа година, а оваа година е посебна, бидејќи Samsung се одлучи за полн напад со сите сили. Не е случајно што Samsung се одлучи на овој модел да му го даде името Ultra, бидејќи токму овој модел треба на корисниците да им даде до знаење дека во овој уред е вклучено сè што компанијата знае и умее.

Мотото на овој телефон е „Сè на Макс“… како Samsung да сакал да каже – сакате сè најдобро и најсилно? Еве, ви ја исполнивме желбата. Сакате огромен екран – еве! Сакате најдобар екран – еве! Голема батерија – не е проблем! Камери со најимпресивни спецификации – не ни е тешко! Најдобар процесор – еве, но за Америка, за остатокот од светот – речиси најдобар! RAM колку сакаш, сè да лизга, а ви нудиме и мемориски модули на Ultra. Дали нешто заборавивме? Не, па сето тоа мора многу да чини.

Кога сето вака ќе се искомбинира да се направи телефон на максимум, тогаш доаѓаме во ситуација некој во Samsung да ги собере сите компоненти, па кога excel ќе ја исфрли цената на сите компоненти, трошоците на производство, маркетинг кампањата, маржата на продавачите и увозниците, локалните даноци и такси, се доаѓа до високата цена од 80.999 денари. Па, дали го сакавте најдоброто? Да! Е па тогаш нема жалење…

Екран

Galaxy S20 Ultra доаѓа со импозантен 6,9 инчен екран – некои ќе ги фасцинира, но не сите луѓе се заинтересирани да носат толку голем телефон. Сепак, од перспектива на некој кој доста време во текот на денот поминува гледајќи во дисплејот на смартфонот, ова е апсолутно неверојатен екран, далеку подобар од сè што сме имале прилика да видиме досега. Било да гледате филмови, играте игри или само да гледате во менијата, едноставно  Infinity O Dynamic AMOLED 2X со Quad HD+ резолуција со  HDR10+ сертификација и 511 пиксели по инч е нешто најдобро во светот на мобилните телефони што можете да му го пружите на своето сетило за вид. Samsung на својот сајт го промовира како „No movie tickets needed“, а кога ќе го споредиме со дисплеите на другите смартфони, навистина е така. Се чини дека посветол екран досега не сме виделе, а за квалитетот на приказот не треба да се трошат зборови.

Samsung е прв производител кој на еден вистински флегшип модел донесе освежување на екранот од 120Hz. Треба да напоменеме дека поголемото освежување на дисплејот работи само при Full HD Plus резолуција од 2400×1080 пиксели. Доколку сакате да го користите целосниот потенцијал на екранот, изберете ја резолуцијата 3200×1440, но во тој случај ќе морате да се задоволите со стандардно освежување од 60Hz. Првата варијанта според наше мислење и без дилема е подобар избор, дури и ако тоа ве чини некој процент батерија повеќе на дневно ниво.

Секако,  Infinity O екранот значи и присуство на punch hole камерата при врвот, централно поставена. Корисниците на последниот Note веќе се навикнати на тоа решение како универзално и далеку подобро од било каков засек (notch) или минатогодишната дуал селфи камера на десната страна од екранот.

Хардвер и батерија

Кога сме кај брзинските можности, повторно се враќаме на Exynos – оваа година во 990 издание. Немавме прилика да тестираме ниту еден смартфон со Snapdragon 865 чипсет, кој сите со години го посакуваат во Samsung телефоните во Европа, но во комбинација со неверојатните 12GB ултра брза LPDDR5 RAM меморија, овој телефон навистина работи како да може да совлада сè што сака.

Единствената дилема останува потрошувачката на Exynos во однос на Snapdragon, но тоа не можеме да го знаеме, освен кога би го имале овој телефон во двете изданија. Батеријата од 5000mAh е со навистина голем капацитет, како и со поддржано брзо полнење од 45W. За оние кои сакаат безжично полнење, ќе истакнеме дека е овозможено полнење од 15W, но доколку сакате дел од енергијата на својот уред да поделите со празниот телефон на пријател, тука е и реверзибилно полнење од 9W.

Е сега… колку трае батеријата на овој телефон? Поучени од негативните искуства од минатата година кога е во прашање S10+ телефонот, а кој во пракса се покажа полошо отколку на тестирањата. На ресетиран телефон, без ниту една инсталирана апликација, покренавме стандардни 10 часа гледање видеа на YouTube и со осветлување на половина. Мораме да нагласиме дека кај овој телефон, осветлувањето на 50 проценти пружа апсолутно посветол приказ отколку кај многу смартфони на максимум. По десет часа видео, останаа одлични 43 проценти батерија, но како изгледа кога телефонот е преполнет со апликации. Со инсталирани околу 70 проценти апликации кои редовно ги користиме, два мејл профила во две различни мејл апликации,  Facebook, Instagram, Viber, Whats App и други, по завршувањето на 10 часовниот тест нè дочекаа само 22 проценти батерија! Значи, 20 отсто разлика, а телефонот не го ни допревме за тоа време. Некои сервиси незабележително работат во позадина и го расипуваат општиот впечаток. Реално, S20 Ultra успева да го избутка работниот ден дури и при интензивна употреба, но тоа не е она искуство каде на крајот на денот ќе ви остане безгрижна резерва.

Дизајн

Уште на прв поглед може да се почувствува дека се работи за премиум телефон, ако не поради прилично големите димензии, тогаш дефинитивно поради изборот на материјалите. Gorilla Glass 6 стаклото од предната и задната страна и алуминиумската рамка со нешто поголема тежина од 220 грама оставаат впечаток како во рака да држите оклопно возило, кое ќе издржи секаква тортура. И покрај големите димензии, самата големина не ми создаваше проблеми во текот на користењето и држењето во рака (за ова делумно е одговорен софтверот), но проблем е да се седне ако го држите во предниот џеб на панталоните.

Бидејќи оваа година Samsung одлучи екраните да ги остави рамни и само благо да го закриви стаклото над нив, ова дефинитивно помага при постабилно држење на оваа голема ѕверка. Од приклучоците, тука се сите работи кои ги очекувате како хибридниот DualSIM слот, три микрофони, USB-C влез за полнење, стерео звучници и стандардното копче за вклучување и регулација на гласноста. Сè на сè, со дизајнот S20 Ultra навистина потврдува дека се работи за „ultra“ модел со премиум материјали и на љубителите на големи телефони веднаш ќе им привлече внимание.

Камери

Оваа ултра приказна се однесува и на камерите. Однапред Ultra ја има најдобрата селфи камера во S20 тројката, а без двоумење и на пазарот воопшто. Опремена е со 40MP сензор со автофокус, а снима видео до 4K 60fps.

Од задната страна  Galaxy S20 Ultra „пука“ со 108MP, што говори само за себе, но покрај главната камера со отвор на блендата  f/1.8 со OIS и PDAF автофокус, S20 Ultra има и 12MP ултраширока, 3D ToF сензор и 48MP перископ телефото камера со која поддржува 4x оптички, 10x хибриден и Space Zoom до 100x. Новост е снимањето на 8K видеа, иако при само 24fps.

И покрај тоа што уредот нуди снимање во целосни 108MP, уредот збива девет пиксели во еден и снима 12MP фотографии впивајќи многу светло. Многу е импресивен природниот bokeh ефект, кој го овозможува овој сензор без потреба од вклучување на  Samsung Live Focus режимот на работа. Ќе понуди врвни фотографии во најразлични услови на снимање.

Широкоаголната камера може да биде доста корисна во ситуациите каде немате простор, а морате многу да сместите во кадар.

100x Space Zoom?

Перископ 48MP телефото камерата е оптички стабилизирана, а нуди 4x оптички зум, до 10x хибриден, па преку 30x сè до 100x дигитален зум (до 20x во видео), кој компанијата го нарекува Space Zoom. Реално за повеќе од 10x ќе ви треба трипод или сталак, а резултатите ќе зависат од многу фактори. Фотографиите при 10x се прилично употребливи, до 30x зум така-така, а сè повеќе од тоа не го препорачуваме за употреба или снимање во својата архива.

Софтвер

Целата Galaxy S20 екипа, па така и S20 Ultra работат на Android 10 и One UI 2.1 корисничкиот интерфејс. Веќе познатиот интерфејс е збогатен со нови wallpaper позадини, но во суштина не донесува воочливи промени. Екранот на заклучување е познат, а таков е и почетниот екран.

Поддржани се теми, во менито со апликации се влегува од дното нагоре, а навигациските копчиња е можно да се заменат со гестови. Крајната лева страница на Почетниот екран е резервирана за Samsung Daily, но можете и да го исклучите. Страничниот дисплеј на Samsung доживеа своја имплементација и на овој уред, а на вака голем екран може да биде и тоа како практичен.

Samsung уфрли и некои кул опции за корисниците и на другите свои уреди, како Music Share и Quick Share.  Она што е најважно дека интерфејсот е брз и мазен под прстите. Тоа е резултат на моќните внатрешни компоненти, но и на новиот екран со освежување од 120Hz.

Galaxy S20 Ultra е креиран за уживање во мултимедија, сурфање на интернет и социјалните мрежи, гледање филмови, YouTube и играње игри. AKG слушалките во пакетот се одлични, а стерео звучниците моќни.

Покрај апликациите на Google и Microsoft, ќе го пронајдете стандардниот пакет апликации на Samsung, кои би можеле да ви бидат од корист. Поврзувањето со компјутерот го нуди стандардното покренување на DeX десктоп интерфејсот.

Заклучок

Galaxy S20 Ultra е најлуксузниот модел од новата Galaxy S20 серија, со која дели доста карактеристики. Нуди најголем, речиси таблет екран со дијагонала од 6,9 инчи и супер мазни 120Hz. Има одлични камери, најдобра селфи камера на пазарот, врвни перформанси, моќна батерија.

Не треба да се занемарат одличните стерео звучници и квалитетот на изработка со сертфикат за водоотпорност, но и практичното безжично полнење, брзото жично полнење, поддршка за eSIM и microSD картички. Сето тоа создава прилично заокружен телефон со само неколку недостатоци.

Она со што  Galaxy S20 Ultra најмногу ќе ги одбие потенцијалните купувачи е високата цена. Galaxy S20 Ultra со 12GB RAM и 128GB простор за складирање чини околу 1300 евра, поради што е најскапиот смартфон на Samsung досега.

Бидејќи на овие простори веќе станавме имуни на овој раст на цените во мобилната индустрија, според мене, Galaxy S20 Ultra би можел повеќе да ги одбие купувачите со својата големина и маса, бидејќи во овој поглед е навистина Ultra. За овие корисници, S20 и S20+ сигурно ќе бидат поинтересни, а и ценовно подостапни опции.

Предности:

  • Фантастичен огромен AMOLED екран со 120Hz освежување
  • Топ перформанси
  • Неверојатно добри камери
  • Солидна автономија на батеријата
  • IP68 водоотпорност
  • Брзо жично и безжично полнење
  • Одлични стерео звучници
  • Поддржува microSD картичка

Недостатоци:

  • Нема 3,5 милиметарски влез за слушалки
  • 100x зум не е баш корисен
  • Високата цена

ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ

Дисплеј 6.9″ Quad HD+ Динамичен AMOLED 2X

Infinity-O Дисплеј (3200X1440)
HDR10+ сертификат
120Hz дисплеј

Камера [Предна камера]
40MP, PDAF, F2.2(80˚)[Задна камера]
Quad камераУлтра-Широка: *12MP, F2.2(120˚)Wide-angle камера: *108MP, F1.8(79˚), PDAF, OISTelephoto камера: **48MP, PDAF, F3.5(24˚), OIS

DepthVision камера

Димензии и тежина Димензии: 166.9 x 76.0 x 8.8мм
Тежина: 220гр.
Процесор – 7㎚ 64-bit Octa-Core Процесор * 2.7㎓ (Максимална брзина) + 2.5㎓ + 2㎓
Меморија LTE
12GB RAM (LPDDR5) со 128GB внатрешна меморија
Дополнителна
меморија & SIM картичка
Dual SIM модели (Hybrid SIM слот): една Nano SIM и уште една Nano SIM или еден MicroSD слот (до 1TB)

*SIM картичката се продава одвоено. Достапноста на Dual SIM може да варира зависно од земјата и операторот.
*MicroSD картичката се продава одвоено. Достапноста може да варира зависно од земјата и производителот.
*eSIM е поддржана на Galaxy S20, S20+ и S20 Ultra моделите. eSIM бара безжична услуга и ви дозволува активација на мобилната мрежа без употреба на nano-SIM. eSIM достапноста може да варира зависно од земјата и мобилниот оператор. Проверете со својот оператор дали вашиот план за мобилни услуги поддржува eSIM.

Батерија 5000mAh (типична)
Полнење Подобрена брзина на безжичното полнење со Fast Wireless Charging 2.0

Fast Charging опцијата е компатибилна и за жично и безжично полнење

*Жичното полнење е компатибилно со QC2.0 и AFC

*Безжичното полнење е компатибилно со WPC Wireless PowerShare

*Fast Wireless Charging 2.0 моментално е достапно со Wireless Charger Stand, Wireless Charger Duo Pad, и други уреди кои поддржуваат 10W или повеќе безжично полнење. Се продава одвоено. Брзината на полнење може да варира зависно од начинот на користење на уредот, условите за полнење и други фактори. Безжичниот полнач бара приклучок за напојување. Се препорачува користење на фабричкиот кабел, затоа што другите адаптери од други производители можат да нанесат штета на Wireless Charger Stand и на Wireless Charger Duo Pad уредите или да ја намалат брзината на полнење.

OS (оперативен систем) Android 10 + One UI 2.0
Мрежа & Поврзување LTE
Подобрен 4×4 MIMO, до 7CA, LAA, LTE Cat.20
До 2.0Gbps Download / До 200Mbps UploadWi-Fi
Wi-Fi 802.11 a/b/g/n/ac/ax 2.4G+5GHz, HE80, MIMO, 1024-QAM
До 1.2Gbps Download / До 1.2Gbps UploadBluetooth
Bluetooth® v 5.0 , ANT+, USB type-C, NFC, локација (GPS, Galileo, Glonass, BeiDou)
Плаќање NFC, MST
* Може да варира според пазарот, мобилниот оператор и други подизведувачи.
Сензори Ултра-соничен сензор за отпечаток на прсти, Акцелерометар, Барометар, Gyro–сензор, Геомагнетски сензор, Hall сензор, Proximity сензор за близина, RGB Светлосен сензор,
Автентикација Вид на заклучување: шема, PIN, лозинка
Биометриски тип на заклучување: Сензор за отпечаток на прсти, Face recognition(препознавање на лице)
Звук AKG стерео звучници и слушаки
Surround звук со Dolby Atmos технологија (вклучувајќи Dolby Digital, Dolby Digital Plus)
*Слушалки: Hybrid canal, двосмерна динамична единицаАудио playback формати
MP3, M4A, 3GA, AAC, OGG, OGA, WAV, WMA, AMR, AWB, FLAC, MID, MIDI, XMF, MXMF, IMY, RTTTL, RTX, OTA, APE, DSF, DFF
Видео Видео playback формати
MP4, M4V, 3GP, 3G2, WMV, ASF, AVI, FLV, MKV, WEBM