Само околу 1% од Данците биле во контакт со коронавирусот, што значи дека постои можност од друг бран на епидемијата, објавија вчера од тамошното министерство за здравство.
Данската агенција која се занимава со надзор на заразните болести најновата студија ја објави во моментите кога данските парламентарци се сложија за новата фаза од „отворањето“ на земјата.
Од 2,500 Данци кои по случаен избор биле избрани да учествуваат во студијата, околу 1,700 досега се согласиле да бидат тестирани со цел да се утврди присуство на антитела на коронавирусот, откриваат од агенцијата и додаваат дека меѓу нив само 12 имале антитела на Ковид-19.
Агенцијата нагласува дека станува збор за прелиминарни резултати и дека се уште е невозможно да се каже дали тие резултати се применливи на целата данска популација. Сепак, експертите велат дека резултатите на студијата се загрижувачки затоа што јасно покажуваат дека Данска би можела да биде на удар на втор бран на епидемијата.
„На колективно ниво немаме отпорност и тоа значи дека постои потенцијал за ново избивање на епидемијата“, изјави Јенс Лундгрен, специјалист за заразни болести во една од главните болници во Данска.
Голема загриженост предизвикува и сличното истражување спроведено во Шведска, каде што до крајот на април само 7,3% од жителите на Стокхолм развиле антитела на коронавирусот. Тоа ги зголемува стравувањата дека одлуката на шведските власти да не воведуваат рестриктивни мерки сепак нема да резултира со брзо развивање на колективен имунитет.
Со истражувањето за антителата научниците се обидоа да утврдат дали постои потенцијал за колективен имунитет, односно дали доволен дел од популацијата развиле имунитет со што заразата би престанала да се шири. Сепак, концептот на колективен имунитет во случајот на коронавирусот се уште не е испитан и не се знае колку трае имунитетот кај опоравените пациенти.
Светската здравствена организација неодамна ги предупреди државите да не се обидуваат кај населението да создадат колективен имунитет, а минатата седмица беше објавено уште едно истражување кое покажа дека антителата се пронајдени само кај од 1 до 10% од популацијата.
Извор: Espreso.rs