Веб браузерот на Google, Chrome наскоро ќе почне да ги блокира „тешките“ реклами и на тој начин ќе им помогне на своите корисници.
Со блокирање на ваквите реклами, Chrome помалку ќе ја троши батеријата и помалку ќе го оптоварува капацитетот на мрежата. Овие активности ќе почнат во август.
„Неодамна откривме дека дел од рекламите заземаат непропорционален дел од ресурсите на уредот, како што се батеријата и податоците, а корисниците не го ни знаат тоа. Овие реклами, како оние за рударење криптовалути се лошо програмирани, неоптимизирани се за мрежата и можат да ја трошат батеријата, а со тоа дополнително ја оптоваруваат мрежата и чинат повеќе пари“, напиша во блог продукт менаџерот на Chrome, Маршал Вејл.
Ако рекламата користи премногу ресурси, Chrome ќе покаже error во рамките каде требало да биде прикажана.
Корисниците можат лесно да ги блокираат „тешките“ реклами во Chrome благодарение на опцијата “Heavy Ad Intervention”, која се појави претходно оваа година.