Комбинацијата на три антивирусни лекови помага да се ублажат симптомите кај пациентите со лесна до умерена инфекција на коронавирус, покажуваат резултатите од една мала студија спроведена од научници од Хонг Конг.
Студијата вклучила 127 пациенти, а истражувачите го споредиле ефектот на лековите користејќи контролна група на пациенти. Една група добила комбинација од три лекови: лопинавир-ритонавир – лек за лекување на ХИВ , рибавирин што се користи за лекување на хепатитис, и бета интерферон за лекување на мултиплекс склероза. Контролната група на пациенти примала само лекови за ХИВ.
Резултатите од студијата објавена во весникот „Лансет“ покажале дека пациентите кои се лекувале со комбинацијата од лековите, заздравеле побрзо.
„Истражувањата сугерираат дека раното лекување на блага до умерена форма на ковид-19 со комбинација на трите антивирусни лекови може брзо да ја поттисне количината на вирус во телото на пациентот, да ги ублажи симптомите и да го намали ризикот од зараза на здравствените работници“, рече Квок-Јунг Јен, професор од Универзитетот во Хонг Конг и еден од учесниците во истражувањето.
Како дел од студијата, сите пациенти добија стандардна болничка помош по потреба. На некои им беше потребна дијализа, на други респиратор, а на некои антибиотици.
Коук-Јунг Јен смета дека резултатите се „охрабрувачки“, но истакнува дека истражувањата за ефектите од тројниот лек треба да се спроведат кај поголем број пациенти и врз лица со потешка форма на ковид-19.
Независните експерти, исто така, сметаат дека резултатите се многу позитивни, но велат дека подетални студии ќе треба да се спроведат кај поголем број испитаници.
„Овие резултати без сомнение укажуваат на оправдано вклучување на бета интерферон во списокот на лекови со ветувачки исход во третманот на пациенти со ковид-19 во понатамошни испитувања“, рече Стивен Еванс, професор по фармакоепидемиологија на лондонската школа за хигиена и тропска медицина.