Египетски и шпански археолози при ископувања во градот Луксор во јужен Египет, на источниот брег на Нил, пронајдоа дрвен сандак во кој се наоѓа мумија од 1600 година пред н.е.
Мумијата датира од 17-та династија на фараонското семејство, а била најдена во дрвен сандак со димензии 175 на 33 сантиметри. Мумијата содржи лошо зачувани останки на девојка за која се претпоставува дека имала 15 години кога починала.
На ушите на мумијата биле најдени спирални бакарни обетки, на рацете два прстена од кои едниот изработен од коски, а другиот бил украсен со сини стаклени перли поврзани на жица на метална основа.
Во едноделниот ковчег од јаворово дрво најдени се четири ѓердани изработени од драгоцени камења во различни бои. Во платнени завои бил завиткан текст со хиероглифи кој го открива идентитетот на мумијата.
Најдени се и чифт црвени кожени сандали со разни мотиви на богови, мачки и розета. Сандалите се стари 3.600 години и се во добро зачувана состојба. Според големината и шарите, се заклучува дека ѝ припаѓале на возрасна жена.
Мумијата во сандакот била положена на десната страна, а археолозите во текот на истражувањето нашле и капела изработена од кал и цигли, како и остатоци од погребни предмети.
Исто така најден е и помал ковчег, поставен спроти капелата, изработен од кал и цигли и врзан со жица.