Како резултат на пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19, Е-продажбата рапидно расте на светско ниво, а нашата земја не е исклучок. Компаниите кои се дел на една од најголемите приватни инвестициски групации во Југоисточна Европа, „Балфин“, одамна се фокусирани на овој модерен тек меѓу кои е и „Нептун Македонија“. Менаџерскиот тим вели дека константно се работи во сферата на Е-продажбата. Оваа опција е важен сегмент веќе две години и активно се инвестира во надградување и усовршување.
– Со имплементацијата на нова напредна веб-страница и лансирање на NEPTUN мобилната апликација за онлајн продажба се издвоивме на пазарот со иновативност и уникатност. Со овие чекори значително придонесовме за унапредување на Е-продажбата, а тоа резултираше со огромен раст во онлајн нарачките. Споредувајќи ја 2019 со 2018 година имавме раст од околу 200 отсто. Во оваа кризна ситуација предизвикана од Ковид-19 најпрво мора да напоменеме дека ние, како општествено одговорна компанија, ги преземаме сите препораки и мерки од владините органи и се грижиме за безбедноста и здравјето на нашите клиенти и вработени. Во однос на Е-продажбата во ова кризна состојба, ние влеговме технички подготвени со напредни опции за клиентите да можат на лесен, брз и безбеден начин да купуваат онлајн од комфорноста на својот дом. Секако, во склад со новонастанатите состојби, ние секојдневно работиме на подобрување и усовршување на целиот процес на онлајн купување со цел нашите клиенти да имаат што подобро корисничко искуство. Може да кажеме дека многу луѓе во државава во овој период се одлучуваат да купуваат онлајн, а со тоа има значителен пораст во овој сегмент на продажба – објаснува Никола Митревски, маркетинг координатор во „Нептун Македонија“.
Компанијата ја воведе Е-продажбата во 2013 година. Тоа бea првите чекори во сферата, но во тој период трендот не беше развиен на нивото од последниве две години. Во 2018 година со лансирањето на новата веб-страница и подоцна со лансирањето на мобилната апликација значително се зголеми комуникацијата и адвертајзингот за онлајн продажба.
– Сакавме да им презентираме на нашите клиенти дека имаат алтернатива. Доколку немаат доволно слободно време да купуваат во некоја од нашите продавници, може тоа да го направат брзо и едноставно преку мобилен телефон или преку компјутер. Покрај овие чекори, воведовме и дигитализација на „haPPy“ лојалната програма со што им овозможивме на нашите клиенти да ги користат сите бенефити од програмата и онлајн. Тоа е следење на happy акаунтот каде се впишани сите нарачки, наградни поени, ваучери, нивоа на членство, креирање на „wish list“, купување онлајн по цени со попуст, дигитализација на happy картичката и многу други придобивки. Оние што не се членови, може онлајн да се зачленат со едноставно купување на дигитална happy картичка и автоматски стануваат дел од нашата лојална програма. Друга причина се секако и светските трендови. Може со сигурност да се каже дека иднината на малопродажбата полека, но сигурно, е во онлајн продажбата. Луѓето се повеќе се ориентираат да купуваат онлајн – додава Митревски.
Тој посочува дека онлајн купувањето има континуиран раст. Веќе две години секој месец сè повеќе луѓе се одлучуваат да купуваат онлајн.
– Сега во овој вонреден период кога дел од нашите продавници се затворени, а сите останати работат со скратено работно време бележиме значителен раст на Е-продажбата. Воедно и целата ситуација налага луѓето да користат алтернативни канали на купување, а тоа е онлајн опцијата со која од комфорноста на својот дом брзо, лесно и безбедно ги купуваат потребните апарати за домаќинство. Интересот е огромен. Многу од повиците во нашиот контакт центар се баш на оваа тема, а исто добиваме и многу дописи на e-mail и на социјалните медиуми со прашања околу E-купувањето. Нашиот продажен тим е целосно посветен да ги опслужи нашите клиенти онлајн сè со цел тие да имаат еднакво добро корисничко искуство како и во нашите продажни салони – објаснува Митревски.
Интересно е да се напомне дека периодов кога целта е да се остане дома, луѓето имаат зголемена побарувачка на ИТ опрема како лаптопи, компјутери, играчки конзоли, монитори, ИТ аксесоари и галантерија. Тој смета дека дека и по завршувањето на кризната ситуација ќе има промени на понатамошните општествени процеси.
– Некои навики кои луѓето ќе ги стекнат овој кризен период во одредена мера ќе продолжат да се практикуваат. Е-купувањето сметаме дека ќе биде една овие навики. Овој период голем број луѓе ќе осознаат и искусат дека ова е лесен и едноставен начин да обезбедат не само апарати за домаќинство туку и останати видови на производи како храна, мебел, книги итн. Истиот тренд ќе биде и кон користење и на E-услуги како електронско банкарство и финансии. Нашите планови за раст и развој одамна се определени кон дигитализација на компанијата. Тоа значи дека активно ќе се работи на воведување на нови можности и алатки за подобрување и усовршување на целосното онлајн корисничко искуство за нашите клиенти. „Нептун Македонија“ како лидер на пазарот во малопродажба на апарати за домаќинство е пример за тоа дека константното инвестирање во нови технологии, иновации, унапредувањето на продажните салони и подобрување на корисничкото искуство се клучни за напредок и останување на врвот во нашиот сектор – посочува Митревски.
„Нептун Македонија“ од 10 април, согласно препораките на Владата, привремено затвори четири продавници: „Нептун Карпош“ (во Скопје Сити Мол), „Нептун Сарај“, „Нептун Куманово“ и „Нептун Дебар“. Останатите локации работат со скратено работно време, а менаџментот се фокусира на нудење побезбедни опции на продажба и достава на апарати за домаќинство.
– Справувањето со вакви вонредни ситуации не е лесно, но напорно работиме за целата ситуација да помине во што подобар ред за компанијата, за сите 400 вработени и секако најважно за нашите клиенти. Воедно, на нашите дигитални медиуми континуирано праќаме апел до граѓаните да останат дома, да избегнуваат гужва и да внимаваат на насоките кои ги даваат властите. Во нашите продавници превентивните насоки се комуницираат преку постери и известувања со цел заштитата и безбедноста на потрошувачите и вработените да биде на повисоко ниво. Воедно, во продавниците се врши редовно дезинфицирање и поставени се средства за дезинфекција за потрошувачите и вработените – објаснува Митревски.
„Нептун Македонија“ и „Скопје Ист Гејт“, компанија која во моментов работи на изградба на мултифункционален комплекс во главниот град, се дел од „Балфин“ која е една од најголемите приватни инвестициски групации во регионот и е позната по своите инвестиции во трговски центри, резиденцијални и комерцијални објекти, туристички проекти, како што Green Coast Resort и Vala Mar Residences, активности во модната и во рударската индустрија, како и во сферата на малопродажбата со „Нептун“, „Џамбо“, SPAR и други. „Балфин“ лани заедно со Комерцијална банка АД Скопје го комплетираше купувањето на Тирана банк. Под капата на „Балфин“ се голем број претпријатија кои функционираат во различни сфери, а сместени се во седум држави и бројат речиси 6000 вработени. Покрај во Албанија каде што е централата и нашата земја, групацијата е присутна со различни типови на проекти и во: Австрија, Црна Гора, Косово, Босна и Херцеговина и Холандија.
Никола Бурагев
Поврзани артикли