Човештвото со векови ги третира како депонија за отпад, но океаните покажуваат дека се неверојатно отпорни, се тврди во новото научно истражување.
Океаните би можеле во целост да се обноват за помалку од 30 години доколку во тоа се вложат и човечки напори. Меѓутоа, научниците предупредуваат и дека времето за акција е сè пократко.
Луѓето ги експлоатираат океаните со векови, но негативните ефекти станаа јасни дури во последните 50 години. Рибите и другите морски видови се ловат до степен на истребување, додека излевањето на нафта и другите форми на загадување ги трујат океаните.
„Нашето истражување покажува дека постои обновување на морскиот свет, живеалиштата и екосистемите по минатите интервенции за зачувување. Потребно е да се зголемат тие напори за зачувување бидејќи се докажано решение на глобално ниво“, вели водечкиот автор на истражувањето, Карлос Дуарте, професор од Саудиска Арабија.
Marine life in the world's oceans could recover to healthy levels in the next thirty years if decisive and urgent action is taken, an international review has found. https://t.co/ohI2NAhflq
— CNN (@CNN) April 2, 2020
„Знаеме што треба да направиме за да го обновиме морскиот живот и имаме докази дека оваа цел може да се оствари во рок од три децении. Мораме да ги зголемиме и забрзаме напорите“, додал професорот.
Голем предизвик претставуваат и климатските промени поради кои расте нивото на морето, а водите стануваат покисели. Глобалното затоплување ја отежнува обновата на тропските гребени.
Проблем се и парите бидејќи за обнова на океаните до 2050 година ќе бидат потребни помеѓу 10 и 20 милијарди долари годишно. Меѓутоа, на секој вложен долар во океаните ќе бидат вратени 10 долари. Научниците веруваат дека спасувањето на океаните е достижна цел.
Извор: B92.net