Intel официјално ги објави деталите за 10. генерација од H-серијата мобилни процесори. Во прашање се 45W чипови, кои ќе се најдат во гејминг лаптопите, мобилните работни станици и преносни компјутери за креаторите на содржини. Процесорите се од Comet Lake семејството, а Intel за нив ветува перформанси на десктоп ниво.
Во прашање е првите мобилни процесори кои пристигнуваат со Turbo брзини над 5GHz, а ова го нудат две третини од новите модели. Покрај тоа, тука се и вообичаените функции за поддршка за Wi-Fi 6, Thunderbolt 3, Optane меморијата H1 и друго. Присутна е и поддршката за DDR4-2933 меморија.
Во врвот на понудата се наоѓа моделот Core i9-10980HK, кој е осмојадрен процесор со 16 thread-ови и отклучен е за оверклокување. Процесорот има основен работен такт од 2.4GHz и 5.3GHz Turbo. Потоа, тука е осмојадрениот Core i7-10875H модел, со 5.1GHz Turbo брзини на работниот такт.
Постојат уште два Core i7 модели: Core i7-10850H и Core i7-10750H, кои имаат по 12 thread-ови (чворови). Нивните максимални работни тактови се 5.1GHz и 5.0GHz, со тоа што Core i7-10850H е делумно отклучен. На крајот ги имаме Core i5-10400H и Core i5-10300H моделите, кои пристигнуваат со четири јадра и осум чворови.
Новите мобилни процесори на Intel наскоро ќе се најдат во лаптопите на компаниите MSI, Lenovo и другите производители, а типот на чипови одговара и за 16-инчниот MacBook Pro на Apple. Првите модели на преносни компјутери со овие процесори се очекуваат уште во текот на месец април.