Сите држави ширум светот во последниов период се обидуваат да набават поголем број на респиратори со цел да одговорат на потребите на се поголемиот број заболени од Ковид-19.
И покрај тоа што повеќето луѓе заболени од коронавирусот имаат благи симптоми на болеста, на околу 6% од пациентите им е потребна болничка нега, а меѓу нив најчесто спаѓаат постарите и лицата со хронични болести. Токму на овие лица најчесто им се потребни респираторите, а бројот на смртни случаи расте кога еден здравствен систем се соочува со недостаток на ваквите машини.
Што е респиратор и како делува?
Накратко, механичкиот респиратор е справа која се користи за на пациентите со тешка респираторна состојба, меѓу кои е и воспалението на бели дробови, да им се олесни дишењето.
Пред пациентот да биде приклучен на респиратор, медицинските лица мора да го интубираат, а тој процес најчесто го водат анестезиолози. Откако папциентот ќе биде успиен, му се провлекува цевка низ устата, до белодробните крила. Иако станува збор за рутинска постапка, во случајот кај пациентите заболени од коронавирусот, медицинските лица треба да работат со посебна внимателност за и самите да не се заразат.
Таа цевка е споена со респираторот, па докторите потоа можат да ја прилагодат количината на кислород која се „пумпа“ во белите дробови на пациентот.
Кога е потребно поврзувањето на респираторна машина?
Пред пациентите да бидат поврзани на машина, докторите бараат сигнали дали пациентот се соочува со респираторни потешкотии. Некои од јасните знаци се зголемен број на вдишувања, покачување на јаглеородот диоксид во крвта и чувство на поспаност кај пациентите.
Просечниот број на вдишувања по минута е 15, но кога бројот на вдишувања „скока“ на 28 по минута, тогаш медицинскиот персонал веќе размислува за приклучување на пациентот на респираторна машина. Во нормални околности, докторите најпрвин разгледуваат помалку инвазивни методи на подигнување на нивото на кислород, но во случај на Ковид-19, тие методи се избегнуваат затоа што често ги поттикнуваат пациентите повеќе да кашлаат, со што докторите и останатиот медицински персонал се изложува на ризик од зараза.
Колку долго е потребен респираторот?
Професорката Сара Ранганатан за „Гардијан“ вели дека од моментот кога докторот ќе процени дека на пациентот му е потребен респиратор, во следниот период треба да се мисли на тоа пациентот што пократко да биде приклучен на машината.
„Може да се купи време со користење на мануелни методи како маски или пумпи со кислород, но пациентот треба да биде приклучен во следните 30 минути кога ќе стане критично“, вели Ранганатан.
Во случајот на акутно респираторен синдром, пациентот треба да остане на респираторот неколку седмици. Во најкритичните случаи, пациентите би можеле за кратко време да починат ако не се приклучат на ваква машина.
Зошто е клучно да се избегне недостатокот на респиратори?
Еден од најочигледните начини да се избегне недостатокот на респиратори е намалување на бројот на заболени од коронавирусот, а тоа се постигнува со почитување на препораките на надлежните служби.
Со намалување на бројот на новозаболени од Ковид-19, се намалува оптоварувањето на здравствениот систем во државата, па дури и да има „нормален број“ на новозаболени во подолг временски период, здравството ќе може да реагира соодветно и на располагање ќе бидат горе-долу сите респиратори за пациентите.
Извори: Jutarnji List / The Guardian