Volkswagen на крајот на неделава ќе го прекине производството во голем дел од фабриките поради пандемијата на коронавирусот, соопштија денес извори од работничкиот совет на германскиот автомобилски гигант.
Според NTV, последната смена на работници во фабриката Волфсбург, како и на други локации во Германија и други земји во Европа, би требало да заврши со работа овој петок.
Претходно, компанијата ги доведе во прашање нејзините неодамна поставени деловни цели, поради брзото ширење на пандемијата на коронавирусот. Главниот извршен директор Херберт Дис предупреди дека пандемијата претставува невидени оперативни и финансиски предизвици.
Пандемијата на коронавирусот ја потресе и Германија. Вкупниот број на заразени во моментов е 7.227, а 17 починаа.
Прекинот на производството е предизвикан и од мерките за ограничување кои ги воведе германската влада, но и намалената побарувачка на светските пазари.