Черепот на најмалиот диносаурус на светот што наликува на птица е пронајден во килибар стар 99 милиони години. Главата на ова суштество е помала од најмалата птица на светот, вилицата била полна со разнишани заби, а очите изгледаат како на гуштер. И покрај тоа што бил многу мал, диносаурусот делувал како предатор.
Фосилот на суштеството наречено Окулудентавис е остаток од најмалиот диносаурус што е некогаш пронајден на планетата.
„Суштеството остава силен впечаток на прв поглед. Во вилицата има над 100 заби. Очите се позиционирани да погледнат настрана. Никогаш досега не сум видел такво нешто“, рекол професорот Џингмаи О’Конор.
Тој додал дека со ова се менува добро познатата слика дека диносаурусите се огромни суштества, но и дека постојат многу фосили кои сведочат за мали диносауруси, но тешко се наоѓаат.
„Клучната порака на оваа студија е дека голем дел од екосистемите на диносаурусите остануваат непознати за науката. Не се знае многу за најмалите диносауруси“, рекол професорот по биологија, Ларс Шмиц. Тој, заедно со О’Конор е автор на трудот што е објавен во списанието Nature.
Фосилите што остануваат во глина, песок или тиња најчесто се уништуваат од хемиските својства на материјалот. Песокот може да ги уништи остатоците од малите животни. Килибарот е формиран од смола на зимзелени дрвја и ги зачувува фосилните остатоци како 3Д-слика.
„Остатоците од животните во килибар изгледаат како животните да угинале вчера. Меките ткива остануваат заробени на мал простор што му пркоси на времето“, објаснил О’Конор.
Првиот скелет на диносаурус во килибар е опишан во 2016 година од кинеската научничка Лида Ксинг. Таа нашла зачувана опашка од диносаурус на пазарот во Мјанмар.
„Разноликоста на диносаурусите е далеку од дофатот на човечката имагинација. Откриен е отпечаток на диносаурус од еден сантиметар. Мислев дека тоа е најмалиот примерок, но подоцна го најдовме Окулудентавис”, рекла Ксинг.
Поврзани артикли