Планирано е овој систем да се инсталира и во современите и во идните перспективни авиони од марката „МиГ“.

Најновите руски ловци МиГ-35 ќе можат да слетуваат на писта во беспилотен режим. Соодветната технологија е веќе создадена. Ова го соопшти информативната служба на корпорацијата „МиГ“ која е дел од Обединетата корпорација за производство на авиони.

Инженерите на компанијата „МиГ“ патентираа систем за автоматско управување со авион при слетување на писта. Овој дигитален систем е насочен кон подигање на нивото на безбедност на управување со авионот во сложени временски услови, што овозможува побрзо влегување во правецот на слетување на пистата со помош на автоматски пилот. Згора на тоа, во случај на лоша видливост, системот му овозможува на пилотот да продолжи со спуштање до висина на која повторно има добра видливост.

„Новата технологија ќе биде применета во авионите МиГ-29М/М2 и МиГ-35“, се вели во соопштението.

Според зборовите на Иљја Тарасенко, генералниот директор на корпорацијата, планирано е овој систем да се вградува како во современите, така и во перспективните авиони од марката „МиГ“. Сега веќе се работи на тоа.

„Еден од приоритетите на нашите инженери е безбедноста и максималната ефикасност на примената на авијациската техника“, додаде Тарасенко.

Се соопштува дека и новата технологија опфаќа низа иновативни склопови, погонски модули и системи, вклучувајќи и мерно-навигациски систем.

Извор: Russia Beyond