Многу од вас веројатно само ќе се насмеат, но идејата за приколка со батерија и не е толку лоша, иако тешко дека ќе биде масовно прифатена.
Кога станува збор за негативната страна на електричните автомобили, најчесто се говори за батериите.
Во повеќето случаи, барем за просечните корисници кои секојдневно возат кратки и градски делници, батерија која може да издржи 200-250 километри е сосема доволна. Проблемот настанува кога сопствениците ќе се одлучат за подолго патување, кое најчесто се случува еднаш или двапати годишно. И покрај зголемениот број на полначи со поголема моќ, сепак нивниот број сè уште е недоволен.
На голем број на возачи веројатно нема да им биде привлечно решението на француската стартап компанија EP Tender, но секако е интересно, па дури и практично решение. Имено, наместо купување на поскап автомобил со помоќна батерија, потрошувачите кои претежно возат низ град и ретко им е потребна помоќна батерија за подолго патување, на автопат може да превземат приколка со батерија.
Да, наместо полнење на батеријата, доволно е да поврзете мала приколка со батерија од 60 kWh која ќе биде поставена и ќе може да се превземе од одморалиштата на автопат и патувањето може да продолжи веднаш. На крајот на патувањето, приколката се остава на друга станица на автопатот или на некое друго место, така што целото возење може да продолжи без долги прекини и без страв дали батеријата ќе издржи до крајната дестинација или дали станиците за полнење ќе бидат слободни.
EP Tender во моментов е во разговори со Renault и групацијата PSA во Франција за нивните возила да бидат опремени со соодветна опрема за влечење на овие приколки. Идејата е секако интересна и ќе биде интересно да се види дали ќе биде прифатена од автомобилските компании, но и од корисниците кои треба да платат 34 евра по изнајмување.
Извор: Додај Гас