Железничката композиција за чистење пруги од снег која пристигна од Русија, ги воодушеви жителите на Финска, каде речиси 6 илјади километри железнички пруги зиме обично се чистат со помош на трактори и багери.
Како што изјави за РИА „Новости” претставникот на Агенцијата за сообраќајна инфраструктура на Финска Марк Нумелин, опремата на „Руски железници“ ќе биде тестирана во текот на февруари.
„Возот за борба против снег пристигна на тестирање. Целта на експериментот е да утврди дали оваа опрема може да се користи за унапредување на техничкото одржување на железничките пруги во Финска“, соопшти тој, додавајќи дека тестирањето се одржува на северот на земјата, каде оваа сезона падна максимална количина снег.
Руската железничка машина за чистење снег СМ-7 Финците ја нарекоа „возот кој го голта снегот и за која нема пандан во светот“. Споредувајќи ја со другите чистачи на железнички пруги во светот, во Финска заклучија дека засега не постои еколошки почист и поефикасен начин за отстранување на снегот од железничките пруги, пишува изданието Ilta Sanomat.
Нумелин додаде дека е планирано во текот на тестирањата да се обрати посебно внимание на безбедноста и адекватноста на оваа опрема за финската железничка мрежа. Финска ќе го набави овој вид техника доколку тестирањето биде успешно, рече тој.
Извор: Russia Beyond
Поврзани артикли